Трипуновски: Половина година граѓаните јаделе непроверена храна, ЈО да отвори случај
Зоран Заев, Зоран Атанасов и СДСМ скоро половина година го загрозувале здравјето на граѓаните, бидејќи АХВ не вршела никакви проверки за безбедноста на храната. Скоро половина година граѓаните конзумирале храна која можеби била целосно небезбедна за нивното здравје. Во перидот од 05.06.2019 до 11.11.2019 година, односно повеќе од 5 месеци не се спроведувал мониторинг согласно Законот за безбедност на храната од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, изјави на прес конференција дополнителниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кој додаде:
Скоро половина година АХВ во наведениот период немала склучено договор со Факултетот за ветеринарна медицина, за лабораториски услуги за ветеринарно јавно здравје за следниве мониторинг програми :
1. Мониторинг на присуство на резидуи и недозволени супстанции кај живи животни, производи и суровини од животинско потекло;
2. Мониторинг на микробилошки критериуми, безбедноста и хигиенската исправност на храната од животинско потекло, мониторинг на критериумите за сурово млеко кај молзните грла и мониторинг на антимикробна активност;
3. Мониторинг на квалитет на храна од животинско потекло, безбедноста на храната за животни и на безбедноста на нуспроизводи од животинско потекло.
-Во овој период од скоро половина година никој во државата не знаел каква храна јадат граѓаните. Дали јадат месо со антибиотици и тешки метали, млеко со афлатоксини, антибиотици и лош квалитет, јајца третирани со органофосфорни соединенија или имало можно присуство на ГМО храна и биолошки контаминирана храна. Ова е катастрофална негрижа за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните, потенцираше Трипуновски и подвлече:
„Зоран Заев и Зоран Атанасов мора да одговараат за ваквата негрижа кон граѓаните и нивното здравје. Го повикувам ЈО по допрен глас да отвори истрага и да утврди дали во наведениот период имало штета по здравјето на граѓаните. Ваквата неодговорност и негрижа ќе бидат казнети на 12 април. СДСМ никогаш повеќе.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа