Ристо Ставревски: МВР можело и порано да делува за скандалот со медицинскиот отпад
Во врска со скандалот со несоодветниот третман на медицинскиот отпад во Дрисла, разговараме со Ристо Ставревски, началник на СВР Скопје
Press24: Градоначалникот Шилегов одговорноста за скандалот со несоодветниот третман на медицинскиот отпад се обидува да ја префрли на другите институции кои според него требале да отворат истрага. Дали скопската полиција постапи по барањето на ЈО и зошто толку се чека?
Ставревски: Одговорност за скандалот мора да има. Кога станува збор за здравјето на граѓаните никој не смее да биде амнестиран без разлика на која позиција се наоѓа. Напротив, највисоките функционери се најодговорни и морално и правно за мандатот кој го имаат добиено од граѓаните. Откако бев назначен на оваа позиција побарав увид во актуелните предмети. За помалку од 20 дена предметот со несоодветниот третман на медицинскиот отпад е завршен и сите неопходни информации за натамошното процесуирање на случајот се доставени до надлежното Јавно обвинителство. Во рамки на предметот до јавното обвинителство се доставени и видеоматеријали кои се обезбедени по пријавата. Зошто предметот не е процесуиран порано не би можел да кажам. Дали претходниот министер и неговите соработници го игнорирале намерно или не, треба тие да објаснат
Press24: Градоначалникот Шилегов го впери прстот кон ЈО и надлежниот инспекторат. Kолкава е нивната одговорност?
Ставревски: Не е мое да се занимавам со политика и да толкувам дали Шилегов одбрал стратегија како во народната кога крадецот викал држете го крадецот. Доколку се бара одговор зошто од пријавувањето на случајот до сега поминало толку време, најдобра адреса и за градоначалникот и за јавноста е претходниот министер и неговите функционери. Тоа што јас можам да го гарантирам е дека нема да има привилегирани и дека нема да се чуваат предмети по фиоки. Овој случај не засега сите и го охрабрувам јавното обвинителство што е можно поажурно да ја испита одговорноста врз основа на фактите кои се доставени.
Press24: Излегоа информации во јавноста дека фирмата и после пријавувањето на случајот склучувала тендери со институциите. Дали е можеби тоа причината заради која што предметот не бил процесуиран ?
Ставревски: Навистина не би можел да одговарам во туѓо име. Претпоставувам дека Шилегов алармирал и дека Министерот Оливер Спасовски и функционерите поставени од него сигурно на колегиум разгледувале еден вака важен предмет. Која е причината за динамиката со која што е работен предметот, најдобро е тие да кажат. За мене здравјето и безбедноста на граѓаните биле и ќе бидат приоритет.
Press24: Кај кого е одговорноста за скандалот според полицијата ? Има ли други пријави до МВР од страна на градот во врска со несоодветен третман на медицинскиот отпад ?
Ставревски: СВР Скопје постапува по насоките дадени од надлежниот обвинител. Надлежниот обвинител ја утврдува одговорноста, а не полицијата. Јас ги охрабрувам професионалците во полицијата да постапуваат максимално ефикасно и да ги собираат и приложуваат сите докази, без разлика за кого станува збор. Заради постапката не би можел да изнесувам детали, бидејќи не смееме да дозволиме истата да биде нарушена на каков било начин. Повеќе пати во медиумите излегуваа информации за несоодветен третман на медицинскиот отпад, но дали градот вршел редовни контроли и доколку не вршел зошто не ги вршел би требало да одговори првиот човек.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа