Цементарница УСЈЕ тврди дека работи по највисоки стандарди, граѓанскиот сектор со неколку барања до Владата

 

Цементарница УСЈЕ, пред која денеска група граѓани протестираа изразувајќи револт поради загадувањето, истакнува дека работи согласно највисоките стандарди и оти паушални се тврдењата на граѓанските организации.

– Цемантарница УСЈЕ е отворена компанија и, како и досега, и денес ги отворивме вратите и ги поканивме граѓаните кои дојдоа да протестираат да нѐ посетат, да ги постават сите прашања и да се уверат на самото место дека работиме по највисоките стандарди. За жал, оваа покана беше одбиена од нивна страна. Потенцираме дека УСЈЕ работи согласно највисоките стандарди и нашата работа нема никаква корелација со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје. Овие наши тврдења можат да се проверат во кое било време, а сите податоци се јавно достапни, велат од компанијата.

Според УСЈЕ, тврдењата на дел од граѓанските и невладини организации се неодговорни и ја доведуваат во заблуда јавноста.

– Ваквите неосновани тврдења создаваат целосно погрешна слика за нашата компанија, а истовремено создаваат и негативна слика за граѓанскиот сектор. Убедени сме дека постои желба за искрена намери за подобрување на состојбите во животната средина, ние ги поддржуваме сите такви заложби и самоиницијативно преземаме низа активности во таа насока. За да се подобрат состојбите во животната средина мора сите заложби да се засноваат на факти, а не на перцепција и целосно неосновани тврдења, нагласуваат од УСЈЕ.

Иницијативата „Движење за чист воздух“ денеска одржа протест пред Цементарницата УСЈЕ затоа што што според нив, треба заеднички да се покаже револтот против загадувањето. Бараат од Владата забрана за увоз на било каков вид на отпад се додека не се формираат функционални контролни механизми и не се усвојат директивите кои ги регулираат сите типови на индустрии. Се бара и инклузивност на граѓанските здруженија во контролните тела и нивно вклучување во секој инспекциски надзор, како и акредитирање на лабораториите на МЖС и Хемискиот факултет.

Оттаму прашуваат зошто Цементарница не користи еколошки гас во производството, иако според нивните сознанија, има гасификациона мрежа и дали се мери излезноста на емисиите во воздухот имајќи предвид дека компанијата има А интегрирана дозвола.

– Факт е дека Цементарница користи отпад како алтернативно гориво кое подложи под строги регулативи и директиви за контрола на емисии на издувни гасови. Сите постројки за согорување отпад треба да ги исполнуваат строгите ограничувања на емисии, мониторинг, прием и третман на отпад, донесени во согласност со директивата за согорување отпад (2000/76/EC), која е всушност поддиректива на директивата за индустриски емисии (2000/75/EC), посочуваат од Движењето за чист воздух, барајќи Министерството и Цементарница да им достават на увид какви мерења се прават и какви резултати се добиваат и дали тие се во склад со домашните законски одредби и ЕУ директивите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.02.2020 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега