Шекеринска- Бениамин Леш: Романија секогаш ќе ви биде пријател и доверлив сојузник

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Министерството се сретна со нејзиниот романски колега, министерот за национална одбрана, Габриел – Бениамин Леш, кој престојува во официјална посета на нашата држава.

Министерката Шекеринска по средбата изјави дека Романија ја докажа поддршката за нашата стратешка цел – членството во НАТО, бидејќи во брза процедура комплетно ја заврши ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО и ја препозна нашата земја како партнер и сојузник кој што има капацитет и знаење да придонесе кон мирот, стабилноста и безбедноста на сите земји – членки на Алијансата

- Но поддршката на Романија никогаш не беше само на НАТО план, туку романската Влада беше еден од силните поддржувачи на нашата стратешка цел, час поскоро да ги почнеме преговорите со Европската Унија и сакам и во име на нашата Влада да се заблагодарам за таа поддршка и да кажам дека во октомври го очекуваме истото со зголемен оптимизам и со зголемена амбициозност – рече Шекеринска.

Таа ја оцени соработката меѓу двете Армии како одлична и најави дополнителна соработка во три области – пренесување на романското искуство во мисии предводени од ЕУ во Африка, потоа во делот на модернизација преку договори влада со влада, и третиот и многу важен сегмент не само за Армијата туку и за нашата економија, а тоа е искуството на Романија и на романските компании во настапот пред НАТО партнерите на пазарите на НАТО земјите членки, бидејќи членството во НАТО не е само безбедност туку и економска можност.

Шекеринска посочи на симболиката на денешниот ден, годишнината од терористичкиот напад во Њујорк, кога сојузниците го активираа членот 5 од Вашингтонскиот договор.

- Му посакуваме добредојде на министерот кога се одбележуваат и точно 18 години од настаните во Њујорк кога за прв пат од постоењето на НАТО беше активиран членот 5 од Вашингтонскиот договор и кога сојузниците и членките на НАТО потврдија дека „Нападот на еден е напад на сите. Дека безбедноста на една е важна на сите“. Ние како делови на Балканот, знаеме дека е тоа така, дека не може да има  нестабилност во соседството, а ние да бидеме просперитетни и безбедни и затоа двете држави ќе продолжиме со уште поголем елан, сега веќе како сојузници кои ги живеат истите идеали и идеи, слобода, мир и безбедност на нашиот регион, но и на нашиот континент – рече министерката.

Романскиот министер Габриел Бениамин Леш упати честитки за успешно исполнетите чекори за членство во НАТО и подвлече дека Романија на Република Северна Македонија секогаш ќе и биде доверлив пријател и сојузник.

„ Романија ви упатува најтопли честититки по повод прославата  на независноста и фактот што успешно ги исполнивте чекорите за пристапување во НАТО, најсилната политичко воена Алијанса во светската историја во која наскоро ќе станете 30тата членка со целосни права што со сигурност ќе приднесе за подобрување на безбедносното опкружување на балканскиот регион. Ве уверувам и на овој начин дека мојата земја секогаш ќе ви биде пријател и доверлив сојузник“ –рече Бениамин - Леш.

Тој рече дека Романија континуирано ги поддржува напорите за евроатлантска интеграција на нашата земја, и изрази задоволство од можноста за продлабочување на билатералната соработка во одбранбениот сектор.

Двете држави соработуваат во областа на одбраната од 1998 година, кога беше потпишана и Спогодба за соработка на военото поле. Оттогаш реализирани се поголем број средби на највисоко ниво, заеднички обуки, курсеви, вежби, експертски средби.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.09.2019 - 18:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега