Игор Божиновски: Оваа Влада мора да падне затоа што на Заев не му ја забораваме промената на името

ВМРО-ДПМНЕ никако не може да дозволи едно урнисано и корупциски контаминирано СЈО да го замениме со друго, а згора на се тоа да биде неквалитетно, непрофесионално и корумпирано како постојново.  Досегашниот формат на СЈО не донесе правда, туку беше инструмент на власта за правење на неправда, коментира Божиновски за законот за јавно обвинителство во интервјуто за Press24
Press24: Законот за јавно обвинителство е пред пратениците веднаш по одморите. Каква треба да биде разрешницата, каков закон и треба на Македонија?
Божиновски: Според агендата на активности и седници во Собранието на Република Македонија, новото законско решение за јавното обвинителство најавено е да влезе во процедура кон крајот на месец август, а во меѓувреме, како што е запознаена јавноста, имаше неколку средби на работните групи од ВМРО-ДПМНЕ и mинистерството за правда, во обид за позитивен исчекор во процесот и надминување на разликите во концептите како треба да гласи новиот Закон за јавно обвинителство.  Едно е сигурно - ВМРО-ДПМНЕ не може и нема да поддржи закон кој има единствена цел амнестија на криминалот на Заеви и сегашната политичка врхушка, кога ќе се сменат политичките прилики, а тоа ќе биде многу скоро во Република Македонија, како и пресметка со политичките противници од опозицијата.           
Зоран Заев повеќе не е во состојба да наметнува услови и рокови, ниту да диктира темпо, едноставно тој повеќе не е фактор, апсолутно никој не го перцепира на таков начин. Македонија и граѓаните го изгубија чувството на страв од Заев, а тој ако мисли дека може без ВМРО-ДПМНЕ да носи вакви крупни закони, тогаш се дебело се лаже. Неговите денови во политиката се изброени, а правдата во Република Македонија е потребна и ќе се случи, затоа што тој и неговите луѓе носат неправда.
Партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ, во консултација со експерти од областа, изработија предлог закон кој што се темели на вистинските вредности на почитување на правото и бескомпромисна битка против организираниот криминал и корупцијата во Република Македонија, а водејќи сметка пред се да се почитуваат  Уставот, законите и да се земе во предвид меѓународното применливо право.

Press24: Предметите започнати на ниво на обвинение до 30 јуни 2017 година предлагате да ги преземе Државниот јавен обвинител, власта спори со предлогот. Што мислите?

 
Божиновски: Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ детално беше елабориран пред јавноста од страна на претседателот, Христијан Мицкоски и во оваа прилика би се задржал на главните аспекти од законот. Имено, предвидуваме сите обвинители, согласно актуелниот закон на СЈО, да се вратат во матичните обвинителства после престанокот на мандатот, како и детална истрага за случајот “Рекет”, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, нејзината релација со двајца осомничени кои се наоѓаат сега во притвор, но и нејзината релација со определени псевдоними за коишто јавноста шпекулира дека се дел од врхушката на власт. Истовремено, неопходна е анализа и истрага за директната или индиректната вмешаност на сите обвинители, коишто се помошници на Специјалниот јавен обвинител. Откако ќе се констатира дали биле или не биле дел од овој срамен и криминален процес наречен „Рекет”, тие и сите останати обвинители во државата ќе имаат можност да конкурираат на однапред објавен конкурс и да бидат дел, доколку ги исполнат условите, од новото Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. 
Понатаму, вработените во рамките на СЈО, речиси сите се во тесна роднинска врска со јавната специјална обвинителка или нејзините помошници обвинители, нејзини роднини и пријатели. Токму поради тоа, ние не можеме да прифатиме овие луѓе бидат префрлени во новоформираното обвинителство, како и тоа дека сите останати квалитетни правници во државата ќе немаат рамноправна можност како овие привилегирани внуци, ќерки, сестри, братучеди да конкурираат на оглас.
Предлогот на нашето законско решение предвидува сите предмети од процесите, коишто се започнати на ниво на обвинение до 30 јуни 2017 година, во фаза во којашто се, дали е доказна постапка, дали е распит на сведоци, дали се завршни зборови или некоја друга фаза, да ги преземе Државниот јавен обвинител и истите да ги прераспредели онаму каде тие дела припаѓаат, а потоа да се продолжат истите тие случаи.
Исто така, покрај предвидената спрега и кочница во функционирањето, за да се превенираат некои идни можни злоупотреби на институцијата, ВМРО-ДПМНЕ предлага и финансиска независност на целокупното државно обвинителство, наспроти навредливиот предлог на СДСМ за финансиска независност само на новоформираното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. 

Press24: Дали целта на власта е само да го преименува СЈО?

Божиновски: Откако премиерот Заев беше фатен “во офсајд” и мораше да се соочи со фактот и да признае дека постојното СЈО е компромитирано, а пред сé поради политичките влијанија врз неговата работа, а дополнително притиснато од коруптивниот скандал во кој учествува првиот обвинител Катица Јанева, тој практично го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се стави крај на СЈО и да се формира ново обвинителство во рамките на постојното Јавно обвинителство, кое ќе се занимава со гонење на висока корупција и криминал. Процесот на изнаоѓање заедничко решение сега е проблематизиран поради тоа што Заев сака на сила да протурка законско решение кое би било ново СЈО, копи пејст со претходното, затоа што тоа исто обвинителство би го воделе компромитирани обвинителски кадри, па дури истите од ова постојното СЈО.
ВМРО-ДПМНЕ никако не може да дозволи едно урнисано и корупциски контаминирано СЈО да го замениме со друго, а згора на се тоа да биде неквалитетно, непрофесионално и корумпирано како постојново.  Досегашниот формат на СЈО не донесе правда, туку беше инструмент на власта за правење на неправда.
Од друга страна, со персоналниот предлог за новиот шеф на новоформирато обвинителство – Вилма Рускоска, Заев само го потврди и му „удри печат” на она што одамна го зборувавме. Кого и да прашате, освен засегнатиот картел на власта, ќе ви каже дека воопшто не очекува личност како Рускоска, која е синоним за нестручно работење под политички диктат, да се справи со криминалот и да донесе правда.
Понатаму, според предлогот на СДСМ, шефицата на СЈО, Катица Јанева треба да биде наградена и унапреден во републички јавен обвинител, што значи дека треба да биде унапредена за две скалила, а останатите обвинители, коишто дојдоа од други обвинителства треба со закон, како што нема во ниту еден случај во пракса, да бидат превземени од новото обвинителство за гонење на криминал и висока корупција. ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи ова, како и со закон инсталирање на роднините и братучедите на помошниците на Катица, внуците, снаите, соседите и пријателите на Катица, но и по некој член од СДСМ во новото обвинителство, додека квалитетни млади луѓе ја напуштаат масовно државата затоа што не добиле шанса. Мора да има фер транспарентна постапка за секој кој чувствува дека има компетенции да може да се пријави, а не само тие кои до сега ревносно и поданички слугуваа на власта и беа неми послушници и извршители на 
нивните  наредби.
 
Press24: Обвинувате дека власта ја искористува моќта на влијание да делува на правните постапки, одлуки за притвори...?
 
Божиновски: Прифаќањето на обвинението “Талир 2” е последниот удар од деспотот врз темелите на, ионака разрушената и понижена, правна држава и независна судска власт. Зад овој незаконски обвинителен акт стои истото она обвинителство, сеуште раководено од, корумпирана и до гуша заглавена во криминал, обвинителка Катица Јанева. Во време кога власта молчи, кога нема ниту истраги, ниту еден обвинителен акт за бројните скандали на власта, Зоран Заев го продолжува политичкиот прогон врз ВМРО-ДПМНЕ.
Додека обвинителството молчи за кривичната пријава против премиерот Заев за поткуп, во врска со неговиот настап во предреферендумската кампања, кога од Крива Паланка ги повика бизнисмените да ги одврзат кесињата и да ги стимулираат вработените да гласаат, како и за гласањето во рекордно време на локалните избори, додека продолжуваат да слугуваат со тоа што ниту превземаат конкретни чекори и случај за насилничкото однесување на градоначалникот Дудуш, ниту гледаат нешто спорно за тендерот на М-НАВ и договарањето на Рашковски, секојдневно сме сведоци на конструирани обвиненија, тортури и константен атак врз членовите и симпатизерите на најголемата партија, ВМРО-ДПМНЕ. Сеуште немаме информација до каде е истрагата за случајот со масовното прислушување на судии и обвинители, нема никаква истрага ниту за пратеникот кој беше фатен како нарачува психотропна супстанца, за вицепремиерот за кого советник од власта посочи дека е криминоген, за тендерите во здравството, за бизнисите на братот на деспотот, ниту истрага за митото на Заев кој го нудеше на Вартоломеј, но затоа редовно се штанцаат решенија за притвор за сите оние кои имаат критична настроена мисла кон криминалната врхушка и храброст да ги обелоденат секојдневните нивни скандали, дури и во случаи кога евидентно не постои ниеден основ за кривично гонење, ниту постои стекната имотноправна корист, како што се случаите за притворените членови на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. 
Политичкиот прогон, максималното злоупотребување на притворот, кој наместо како мерка за обезбедување, ја користат како казна, тортура и изживување врз невини луѓе и нивни семејства, злоупотребите на инструментите на власта, станаа главно обележје на оваа криминална врхушка, која во недостаток на реформи, проекти и резултати,  се пресметуваат со неистомислениците. Не ги забораваме и не ги оставаме нашите браќа и сестри кои неправедно седат по затворите, кои ја делат несреќата на свои плеќи да ја носат омразата и лудилото на оваа власт, која сакајќи да демонстрира сила, всушност покажува колку е слаба, прогонувајќи невини луѓе.

Press24: Во овој контекст како го толкувате постапувањето на надлежните во случајот „Рекет“, тука како што и вие рековте е името на Јанева...?

Божиновски: Од друга страна, имаме парадоксална ситуација, сведоци сме како власта се обидува да ја разводени аферата, како повторно законот не важи подеднакво за сите во актуелниот случај “Рекет”. Нема граѓанин во Република Македонија кој не си го има поставено прашањето како е возможно Катица Јанева да не биде приведена, доколку ја има во доказниот материјал и имала активен разговор со првобовинетиот во овој случај, кој пак видовме дека е прв другар и соработник со Зоран Заев и врхушката на власта? Нели тоа е потврда дека рекетот се одвивал со знаење и амин на првиот човек на компромитираното СЈО и врхушката на власт?! Власта и обвинителството  одбегнуваат одговори, но нема да се добие целата слика и да се расчисти скандалот ако нема целосна одговорност кај врхушката на власт. Правдата и правото ќе дојдат по поразот над тој криминален октопод!

6. Што сметате дека е излез од оваа ситуација во земјава, избори?
Апсолутно, тоа е единствениот излез од оваа ситуација, на Република Македонија и се потребни итни, брзи парламентарни избори, избори на кои народот ќе се избори за обнова на Македонија, за нов почеток кој ќе значи ред и правда, просперитет и развој, подобра иднина. 
Ја создаваме најголемата коалиција – коалиција со народот, кој е разочаран, излажан, предаден, заедно масовно ќе излеземе на следните парламентарни избори и ќе го поразиме Зоран Заев и врхушката на власт. Ќе ја вратиме верба во системот кој постои за да служи на граѓаните, мора да бидеме општество со развиена економија и нови работни места, со еднакви можности за сите. На безаконието да се одговори со закон, на анархијата со поредок. Да си ги вратиме младите кои си заминаа и да обезбедиме иднина на оние кои во овој момент планираат да заминат.
Оваа Влада мора да падне затоа што на Заев не му ја забораваме промената на името, која силно го боли секој Македонец, промената на идентитетот, поигрувањето со историјата. Мора да падне затоа што тој не убедуваше дека Македонија мината година доби датум за преговори со ЕУ, се сеќаваме сите на она фамозно селфи во владиниот авион. Мора да падне затоа што излажаа дека секоја година економијата ќе расте со 5 проценти, а не можеме ниту до пола од тој процент да дојдеме, излажаа за странските инвестиции и новите работни места, за зголемувањето на платите, ги излажаа земјоделците, студентите и пензионерите. 
Времето е изброено. Народот бара смена на власта, што побргу се случи тоа, толку подобро за Република Македонија, за да конечно и тргне после тригодишниот срам, понижување, криминал, пљачкосување и национално предавство, да ја вратиме на вистинскиот колосек на развојот и напредокот. Македонија го може тоа, Македонија го заслужува тоа!

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.08.2019 - 23:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега