Денеска дарување крв утре ѕвездено небо - еве што организираа фановите на нашиот Тоше

Денеска од 9 до 18 часот, во Домот на АРМ ќе се одржи крводарителската акција „Јас штотуку спасив живот, а вие?". Акцијата и оваа година е организирана од обожавателите на Тоше Проески, во чест на својот идол и во сеќавање на неговиот последен концерт.

- Хуманоста не смее да биде наша обврска, хуманоста треба да стане наше задоволство и духовна храна. И овој пат да покажеме дека во Скопје и Македонија живеат граѓани кои на дело ја изразуваат својата хуманост следејќи го примерот на нашиот Тоше, апелираат обожавателите.

Во текот на денешниот ден, во Домот на АРМ ќе бидат изложени уметнички слики со ликот на нашиот Тоше, од младиот уметник Александар Поповски.

Фан-клубот на Тоше утре ќе го организира петтиот музички хепенинг „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“, од 19.30 часот на плоштадот „Македонија“, кој традиционално се одржува на 5. октомври во сеќавање на последниот концерт на најголемата македонска музичка ѕвезда, одржан на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје. Оваа година е поместен за еден ден подоцна бидејќи во центарот на Скопје ќе се одржува  манифестацијата „Бела ноќ“.

- Дојдете да ја исполниме неговата желба, секоја година да не има во што поголем број. Заедно да се сеќаваме, пееме и да го славиме животот на нашата најголема музичка легенда Тоше Проески. Тагата никогаш нема да запре, но неговата големина секогаш ќе ги грее нашите срца, соопштија фановите на Тоше. 

05.10.2013 - 10:47

најчитано сега