Расте бројот на Македонци заболени од малигни заболувања
Расте бројот на заболени од малигни заболувања во Македонија. За таа цел потребно е на повисоко ниво да се подигне свеста кај населението дека контролните прегледи еднаш годишно се неопходни за нивно рано детектирање и третман, со што може да се спречат предвремените смртни случаи од малигните заболувања, беше истакнато денеска на прес-конференција на првото антиканцер Здружение „Животна искра“ по повод Октомври-месец на борба против ракот во Македонија.
Бројот на новозаболени од малигни неоплазми во Македонија за само десет години се зголемил за 3,5 индексни поени и достигнал 5.841.
Доктор Горан Кондов од Клиниката за торако-васкуларна хирургија на прес-конференцијата рече дека ракот на дојката е на прво место меѓу малигните заболувања кај жената.
- Годишно во Македонија се откриваат 700 нови пациенти со рак на дојка. Од нив на Клиниката се оперираат 400 пациенти. Мамографскиот скрининг во Македонија не е почнат, а тоа е вистинско решение за детектирање на ракот на дојката во почетна фаза, истакна Кондов и додаде дека од интервенциите што ги прават на Клиниката, меѓу кои и примарната реконструкција на дојка, е неопходно да се изведат по раното детектирање на болеста.
Доктор Горан Димитров од Клиниката за гинекологија и акушерство рече дека со стапка на заболени од рак на грлото на матката од 23,4 на 100.000 жители, Македонија е на второ место во Европа.
- Ако нема редовни прегледи можноста за појава на рак на грлото на матката е честа. ХПВ вакцината е одобрена во 128 земји, додаде Димитров.
Според доктор Милчо Пановски, програмите за колоректален карцином се непотполни и несоодветни.
- Сите скрининг програми се правени според желбите на пациентите и тие не се повикуваат по име и презиме да дојдат на преглед, додаде Пановски.
Според податоците на СЗО, со над 7,6 милиони случаи годишно малигните заболувања се водечка причина за смртност во светот.