Тошковски: Дојавите за бомби беа испратени од мејлови што се избришаа по само еден час
Дојавите за бомби, кои беа упатени до училишта во Македонија во петокот, се испратени од привремени мејлови кои се бришат за само еден час по испраќањето на заканувачките пораки, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Тошковски не сакаше да открие дали овие хибридни закани доаѓаат од дома или од надвор, но рече дека случајот го поврзуваат со дојавите што се случија во други земји во регионот како Хрватска и Унгарија.
„Станува збор за хибридни закани коишто се покажа дека не само во петокот, туку и претходно кога сме ги имале, биле лажни. Факт е дека последниве закани коишто се упатени до училишта во Македонија се од привремени мејлови коишто се отворени од одредени недобронамерници. И, според информациите што ги добив, мислам дека тие мејлови од коишто се испраќани заканувачките пораки се бришат за еден час. Така што, многу е тешко да се влезе во трага кој е испраќачот на заканувачките пораки“,кажа Тошковски.
Министерот вели дека оперативниот штаб формиран за дојавите за бомби донел заклучок да достави препораки до Министерството за образование и до сите образовни институции во однос на тоа како да се заштити периметарот на училиштата за време на часовите кога нема ученици и препораки за чуварските служби да внимаваат на периметарот на училиштата.
„Ги зголемивме патролните служби коишто обиколуваат околу секое училиште. Гледаме максимално да покриваме на терен со нашите ресурси коишто ги имаме, дадовме препораки во однос на сите оние други работи коишто треба да се преземат од технички аспект во делот на Министерството за образование и конкретно до сите училишта“,рече министерот за внатрешни работи.
Министерот е оптимист дека во иднина полицијата ќе одговори посоодветно, за разлика од начинот на кој се одговарало на ваков тип предизвици во минатото и оти иако фактите велат дека сите дојави досега биле лажни, сепак не се исклучува потребата Министерството за внатрешни работи да одговори со темелна проверка на наводите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа