Средба Џафери-Чеку: Македонија и Косово ќе ја продлабочат соработката во сите полиња

Денеска македонскиот министер за одбрана Талат Џафери се сретна со неговиот косовски колега Агим Чеку, кој ја предводи делегацијата на Министерството на косовските безбедносни сили, која е во официјална посета на Македонија.

На средбата било констатирано дека Република Македонија и Министерството за одбрана продолжуваат да и даваат поддршка на Република Косово и безбедносните сили, во однос на изградбата на потребните капацитети и формација согласно планот на Марти Ахтисари. Исто така, Џафери и Чеку потпишаа протокол за воена соработка со кој се продлабочува соработката во повеќе области, како што се одбраната, образованието, размената на искуства, заеднички вежбовни активности, средби на експерти од разни сфери, спортски натпревари, искористување на капацитетите на АП „Кривлак“ и Воената академија.

- Даваме поддршка во сите регионални иницијативи во кои учествува Република Македонија, преку МО, да учествува и Република Косово, раководејќи се од принципот дека регионот ќе биде цел доколку во иницијативите учествуваат сите субјекти кои го сочинуваат, рече Џафери. Тој ја најави и средбата на министрите за одбрана од Јадранската група, што од утре до 3-ти октомври ќе се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија. 

Од своја страна, министерот Чеку смета дека Македонија и Косово придонесуваат за регионалниот мир и се пример за добрососедска соработка и пријателство.

- Косово и Србија се во нова фаза на односи, а целта на договорот е нормализација на односите и интегрирање на северниот дел на Косово и на српската заедница согласно косовскиот устав и законите. Северниот дел на Косово отсекогаш бил потенцијална закана за косовскиот мир и безбедност, особено по војната, но сепак сме тргнати во добср правец тоа да се реши, одговори Чеку, додавајќи оти трите страни Косово, Србија и ЕУ се посветени да се постигне успех, смета Чеку.

 

30.09.2013 - 13:44
Фото: 
МИА

најчитано сега