Мајката на исчезнатиот Пино скршена: "Ќе ми експлодира главата, тој не е несреќен за да избега"

На дваесет и шестгодишниот Пинета Секондо- Пино веќе 9 ден му нема траг. Тој последно бил виден во Ѓорче Петров во понеделникот, 10 декември, 22 часот навачер. Оттогаш го нема заедно со неговиот автомобил, бела „шкода“ со тавблички SK 1566 AP и двата мобилни телефони.

Порталот „Република“ контактираше со неговата мајка Маја Трпковска, која со денови постојано ги следи сите можни траги за тоа каде би можел да исчезне нејзиниот син.

-Скршена сум. Ќе ми експлодираат главата, живците…Ние не сме семејство да се караме или расправаме, тој не е несреќен, па да побегне. Пино нема зошто да бега. Ние секојдневно бевме во контакт, беше пресреќен што ќе се видиме. Има добра работа, плата, семејство. Многу е одговорен. Секогаш е насмеан, среќен, се шегува, почитуван е, САКАН! Погледнете ги само неговите другари или прашајте ги, ќе ви стане јасно за какво дете станува збор, раскажува неговата мајка.

Маја контактирала и со неколку пријателки со кои Пино си пишувал преку „Фејсбук“. Со сите лично се слушнала и сите ги упатила да контактираат со полицијата и одговорните за овој случај.

-Сите девојчиња лично ми се јавија и ми кажаа дека ќе помогнат во сè. Со едното девојче последен пат се видел таа ноќ. Направиле муабет 15-тина минути пред зграда во Ѓорче Петров. Потоа ѝ кажал дека е уморен и дека ќе оди дома да одмори. А, навистина беше уморен, пред Нова година е период кога сите работи треба да се завршат и средат. Се чув и со девојчето од Тетово со кое си пишувал, со неа никогаш не се виделе, вели Трпковска.

И телефон да ви украдат, по два дена ќе се најде, а не човек, смета Трпковска додавајќи дека полицијата никако не помага во овој случај.

-Јас ги најдов сите девојчиња, па се јавувам во полиција. Другарите што и да слушнат и тие се јавуваат. Значи ние бараме и потоа им се јавуваме, наместо обратно! А, македонската полиција? Ништо! Жив срам! Ниту нешто кажуваат, ниту нешто прават. Велат побегнал. Па и да побегнеше ќе се најдеше некоја трага, ќе има нешто. Не може да исчезне и ништо да не се прави! Мајка ли да го тражи сама? Другари? За што се тука тие, полицијата? За да нè пазат и бранат, за тоа плаќаме данок. А, со што ни враќаат? Со несигурност!!, вели мајката на Пино револтирана од односот на македонската полиција.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.12.2018 - 22:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа