Борел-Вархеји: Изборниот процес во Македонија останува недоволно регулиран
Според прелиминарните наоди и заклучоци на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), претседателските и парламентарни избори кои се случија на 8 мај поминаа во мирна и демократска атмосфера, се вели во заедничката изјава на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
Борел и Вархеји, во заедничката изјава, велат изборите биле конкурентни со почитување на основните слободи, но посочуваат дека изборниот процес и понатаму останува недоволно регулиран.
– ЕУ и честита на претседателката Силјановска-Давкова за изборот и со нетрпение очекува да работи со новиот претседател, првата жена шеф на државата во Северна Македонија. Ги охрабруваме релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада. Двете институции треба да работат заедно за да го унапредат патот на Северна Македонија кон ЕУ, вклучително и со спроведување клучни реформи особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешни работи.
Посочуваат дека Северна Македонија направи одлучувачки чекори во процесот на пристапување во ЕУ и сега ќе биде важно да се имплементираат преостанатите обврски неопходни за отворање на првиот кластер во процесот на пристапување.
– ЕУ и Северна Македонија споделуваат силно партнерство. Земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и очекуваме нашата соработка да продолжи и понатаму да се развива, се наведува во соопштението.
Европската унија забележува дека заедничката меѓународна набљудувачка мисија на изборите од ОДИХР и ОБСЕ, Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа, двојните избори ги окарактеризира како конкурентни, со почитување на основните слободи.
– Иако законската изборна рамка ја постави основата за демократски избори, некои одредби не беа во согласност со меѓународните стандарди, во однос на еднаков пристап до медиумите, одговорност за државното финансирање и пристап до правна заштита. Неодамнешните измени на Изборниот законик беа воведени доцна и не ги одразуваа препораките на ОДИХР, велат од Европската служба за надворешни работи.
Откако Меѓународната мисија за набљудување на изборите ќе ги издаде своите конечни препораки за идните избори, Европската унија очекува сите политички актери, релевантни институции и засегнати страни да ја покажат својата посветеност за зајакнување на демократијата преку заедничка работа за да ги спроведат тие препораки брзо и многу пред следните избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа