Маричиќ не успеа да освои мандат, ова се 18-те пратеници на СДСМ

 


Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ не успеа да влезе како пратеник во македонскиот Парламент, откако неговата СДСМ во Изборната единица 1, во која тој беше четврти на листа, со добиени 25.730 гласа, зеде само три мандати – коносителите на листата лидерот на партијата Димитар Ковачевски и лидерката на ЛДП Моника Зајкова, како и Даниела Николова, која и досега беше пратеничка на СДСМ.

Маричиќ предмалку преку Фејсбук им го честиташе на победниците за успехот, а на граѓаните и на институциите за демократските и мирните избори.

Тој додаде дека СДСМ како опозиција ќе биде постојано тука за потребите на развојот, да иницираат но и го поддржат тоа што им треба на граѓаните.

„Јас лично, со цел свој капацитет, со цела своја енергија, посветеност и знаење, ќе се вложам во заздравувањето и реформите на СДСМ како партија која искрено ја сакам и со гордост и припаѓам, бидејќи во овој момент каузите за кои целиот свој живот сум се борел се загрозени и со ослабена подлога и база“, истакна Маричиќ.

Инаку, СДСМ, како втора најголема македонска партија, освои речиси тројно помалку пратенички места од ВМРО-ДПМНЕ.

Во ИЕ 2 мандат освоија само Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, додека партијата најлошо помина во шестката, каде пратеничко место доби само досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска.

Во ИЕ 3 носителката Сања Лукаревска освои 4 мандати, заедно со Љупчо Николовски, Горан Мисовски, Благој Бочварски. Најдобро помина поранешниот министер за здравство Венко Филипче кој во ИЕ 4 освои 5 мандати. Од тука како пратеници на опозициона СДСМ влегуваат и  Јованка Тренчевска, Миле Талевски, Соња Мираковска и Борче Цветков.

 

Слабо помина и претседателот на Собранието Јован Митрески, кој со својата коносителка на листата во ИЕ 5, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска освоија 3 мандати. Нив ќе им се придружи помалку познато име за македонската јавност – Митко Трајчулески.

10.05.2024 - 11:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега