Робе: Членството на Македонија во НАТО битен чекор за стабилноста на регионот

 

Придобивките од членството во НАТО се безбедност, демократија, слобода, економски раст. Со влезот во Алијансата се става печат на натамошното членство во ЕУ, а пристапувањето кон овие две организации е значајно за натамошниот развој на Македонија, се заклучоците од дебатата „Спроведување на НАТО принципите во Македонија“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Рајнхолд Робе, поранешен член на германскиот Бундестаг и Омбудсман на Армијата на Германија на дебатата рече оти очекува и е оптимист дека Македонија ќе стане членка на НАТО, што ќе претставува битен чекор не само за стабилноста на земјата, туку и на целиот регион.

- Ова го велам за да ги разубедам скептиците. Северноатлантската алијанса не беше основана за да води војни и да изнаоѓа воени средства за решавање на политички прашања. НАТО е заедница на демократски држави кои негуваат заеднички вредности, посочи Робе.

Изрази задоволство што, како што кажа, е донесено прагматично решение за решавање на проблемот со името со Грција.

- Сега Македонија е исправена пред можноста да стане дел од НАТО и од ЕУ и ништо не и стои на патот за постигнување на таа цел. Како што кажа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг поканата за НАТО не е јазична флоскула туку е сериозна. Ако референдумот на 30 септември е успешен, тогаш овие чекори неминовно ќе бидат спроведени, децицен е Робе.

 

 

 

04.09.2018 -13:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега