СДСМ : Кривични пријави за оддавање државна тајна за Милошоски и член од кабинетот на Иванов
Скандалозното и неодговорното однесување како и сериозното кршење на законите се главна одлика на ВМРО ДПМНЕ и Ѓорге Иванов, пишува СДСМ во своето соопштение.
„Изнесувањето на детали од лидерски средби кои се класифицирани како државна тајна на лица кои не поседуваат безбедносен сертификат за државна тајна, а во случајот тоа е Антонио Милошоски е кривично дело кое се казнува со казна затвор од една до десет години според Член 317 од Кривичниот законик.Поради таквиот факт, Кабинетот на Иванов во никој случај не смеел да го даде Извештајот на пратеник кој што нема безбедносен сертификат, а Милошоски воопшто немал право да бара таков извештај“ се вели во соопштението.
Отаму наведуваат дека ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Кабинетот на Иванов е незаконско, недржавничко и против интересите на македонските граѓани и тоа мора да биде санкционирано. Членот 317 од Кривичниот законик е јасен и прецизен:
„Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од една до десет години.Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе му соопшти, предаде или стори достапни податоци или документи за кои знае дека се државна тајна, а до кои дошол на противправен начин, ќе се казни со затвор од една до пет години.Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ и Иванов не можат да се откажат од навиката да ги погазуваат законите и Уставот и да работат против интересите на државата“ наведуваат во соопштението.
Од партијата велат дека поради тоа, против Милошоски и против тој што му го доставил документот ќе поднесеме кривична пријава за оддавање државна тајна, врз основа на член 317 од Кривичниот законик.
„Времето на незаконско, антидржавно и неодговорно делување заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, Македонија денес е правна држава. СДСМ останува цврсто посветена на заложбите за еднаквост пред законите и неселективно владеење на правото и нема да дозволи било кој да работи спротивно на законите и интересите на граѓаните.“ наведуваат во своето соопштение од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа