Јули беше трет најтопол месец во историјата на мерењата

 

Научниците соопштија дека минатиот месец бил трет најтопол јули на Земјата од
почетокот на мерењата, при што во Турција била забележана рекордна
температура од 50,5 Целзиусови степени.
Минатиот месец го продолжи трендот на екстремни климатски услови, кои
научниците ги припишуваат на глобалното затоплување предизвикано од човечка
активност, иако се забележа пауза во соборувањето на нови рекордни температури


Според Службата за климатски промени на ЕУ – Коперникус, просечната глобална
температура на воздухот на површината била за 0 45 Целзиусови степени повисока
од просекот за тој месец во периодот од 1991 до 2020 година.
Карло Буонтемпо, директорот на Cлужбата за климатски промени на ЕУ, изјави дека
две години по најтоплиот јули во историјата на мерењата, низата на глобални
температурни рекорди засега е прекината.
Но, тоа не значи дека климатските промени запреле. И понатаму сведочиме на
последиците од затоплувањето на Земјата преку екстремни горештини и
катастрофални поплави во јули.
Иако не беше толку топло како рекордниот јули во 2023 година или вториот
најтопол јули во 2024 година, просечната температура на површината на Земјата
минатиот месец и понатаму беше за 1,25 Целзиусови степени повисока во однос на
прединдустрискиот период 1850–1900 година.
Покрај тоа, 12-месечниот период од август 2024 до јули 2025 година бил за 1,53
Целзиусови степени потопол од прединдустриските нивоа, што го надминува
прагот од 1,5 степен поставен како максимум во Парискиот договор, чија цел е
ограничување на глобалното затоплување.
Главната причина за климатските промени е испуштањето стакленички гасови при
согорување фосилни горива.
Минатата година беше најтоплата година некогаш забележана во светот.

08.08.2025 - 18:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега