Националниот комитет за финансирање ќе ja следи работата на јавните здравствени установи

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева Змејкова, денеска истакна дека е забележано подобрување во финаниското работење на клиниките.

- Во сегментот на финансиските контроли забележуваме дека во голем дел од клиниките има подобрување на работењето во фактурирањето кон Фондот и кон Министерството за здравство. Но, забележуваме и клиники каде се уште има одредена пасивност од страна на директорите во однос на квалитетните фактури до Фондот, а исто така забележуваме и одредени пропусти коишто траат веќе подолго време во делот на јавните набавки, изјави Парнарџиева Змејкова на заедничката прес-конференција со заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.

Заменик-министерот Андовски од своја страна истакна дека Националниот комитет за финансирање има за цел да се унапреди координацијата меѓу институциите во здравството.  - Ова тело ќе има советодавна улога со основна цел следење на финансиското работење на јавните здравствени установи и навремено детектирање на проблемите што ги имаат, како и давање препораки како тие да се решат. Ќе се следи пред се работата на менаџерите во здравствените установи, обемот на здравствените услуги што ги даваат, а ќе даваат и одредени пораки за подобрување на системот на финансирање во здравството, истакна Андовски.

Директорката на ФЗОМ Парнарџиева Змејкова додаде дека овој Комитет ќе има обврска на квартално ниво да ја информира Владата за прогресот во работењето во јавните здравствени установи.

 

16.09.2013 - 13:38
Фото: 
Нетпрес

најчитано сега