Пешевски: Растот на БДП е доказ за поволните трендови во македонската економија

Денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, истакна дека растот на брутодомашниот производ во првите два кваратала од годинава е над проектираното. 

- Најновите статистички податоци укажуваат на поволни трендови во македонската економија. Растот од 2,9 во првиот и 3,9 проценти во вториот квартал од годинава се над она што го проектиравме. Тоа ја прави Македонија една од најдобро и најбрзорастечките економии во Европа. Сепак, треба да бидеме внимателни поради се уште недобро закрепнатата европска економија, изјави Пешевски одговарајќи на прашање по обраќањето на првиот академски час на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Пешевски додава дека и во втората половина од годинава очекува значително подобри резултати во делот на привлекувањето  странски инвестиции.  - Токму како резултат на правите економски политики, на темелниот пристап и на анализите кои ги правевме се должат и позитивните трендови. Сепак, треба да се биде умерен оптимист и не треба да сметаме дека кризата е готова. Ќе продолжиме со носење нови мерки и нови реформи, се со цел македонската економија и  животниот стандард на граѓаните да продолжи да расте, додава вицепремиерот задолжен за економски прашања.

Бруто домашниот производ во вториот квартал од годинава бележи раст од 3,9 проценти, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

16.09.2013 - 13:23
Фото: 
вмро-дпмне.орг

најчитано сега