Правењето ајвар пред зграда не е казниво само на електричен шпорет

Сезоната за правење зимници е во полн ек. На пазарите најмногу се бара ајварката, модриот патлиџан, морковите. Време е за приготвување на омиленото национално јадење - ајварот. Многу од граѓаните се жалат дека се уште не им е јасно дали правењето ајвар е казниво дело, па велат дека не знаат дали да ги палат ќумбињата или да ја прескокнат оваа сезона. Оние со приватни дворови се најопуштени, па веќе ги полнат теглите, оние со викендички, а што живеат во згради заминаа таму, но останатите се думаат. Според Законот за јавна чистота нигде не е предвидено дека правењето ајвар на јавни површини е казниво дело. Она што е казниво е всушност поставувањето на ќумбиња на отворено, палење оган и оставање неред. И покрај тоа што по овој основ инспекторите може да казнуваат, тие признаваат дека досега ниту еден граѓанин не е казнет затоа што правел зимница на јавни површини, пишува Вечер
- Комуналните инспектори и комуналните редари спроведуваат засилени контроли на терен, со оглед на фактот што започнува периодот на правење зимници, но досега оваа година по овој основ не е изречена казна. Засилените контроли од страна на градските комунални инспектори и редари ќе продолжат и во наредниот период, велат од Град Скопје за Вечер.

Ниту во општините кои што ги прашавме дали досега имало некој случај да казнеле граѓани што правеле ајвар на отворено не можеа да наведат ниту еден случај. 
- Законот не забранува правење на зимница на јавни површини. Она што подлежи на казна е палењето на оган на отворено. Тоа пак значи ако некој граѓанин се одлучи да прави ајвар на јавна површина притоа тоа да го прави на електричен шпорет воопшто не е казниво или пак може да користи буково дрво кое е чисто, велат од секторот за инспекции на Гази Баба.
Иста е ситуацијата и во останатите општини кои што ги контактиравме. Од инспекциските сектори на Општина Центар и Општина Карпош немаат изречено казни.

Во Општина Центар посочуваат дека граѓаните сепак немаат право без одобрение на јавни површини да поставуваат ќумбиња и палење на оган. Од Карпош, пак дека немало потреба некој да казнат бидејќи многу ретко се случувало граѓаните пред зграда да прават зимници.
Законот за јавна чистота стапи на сила во 2008 година. Ако претходно инспекторите можеа само да ги опоменуваат граѓаните со новиот Закон се додаде и мандатната казна. Ако инспекторот изрече мандатна казна на некој граѓанин којшто пали оган на јавни површини или остава отпад тој ќе треба да плати 50 евра.

Инаку, цената на продуктите за приготвување на ајварот е иста како и лани ајварката се продава од 20-30 денари за килограм, модриот патлиџан едно парче 10 денари и морковите од 20 до 30 денари килограм што за домаќинките е прифатлива цена

15.09.2013 - 23:26