Решена мистерија стара 800 години: Ова е вистината за статуите на Велигденскиот остров

Некои од познатите големи статуи на Велигденскиот Остров на главата имаат црвени капи кои се нарекуваат "пукао". Капите се направени од црвен камен од каменолом кој се наоѓа на другиот крај на островот и делува како да се додадени откако биле направени скулптурите.

Зошто и како тие црвени капи, тешки 12 тони, се нашле на статуите високи четири метри, е нешто што веќе долго време ги мачи научниците. По многу години нагаѓање, археолозите од Државниот универзитет во Пенсилванија дошле до можните техники со помош на кои капите биле поставени на врвовите на статуите.  

"Имаше многу идеи, но ние први изнесуваме претпоставка која ги зема предвид археолошките докази" - вели студентот по антропологија Шон Хиксон.

Во 13-ти век, островот бил населен од полинезиските морнари. Децении по пристигнувањето на брегот, тие минале два века градејќи ги гигантските камени кипови со вулканско потекло.

Експертите се уште расправаат околу тоа, но сега е општо прифатено дека ваквите монолити од каменоломот се префрлани со лулање од едната страна на другата (на пример, како кога поместувате мебел). Но, каменоломот од каде што е ваден светлоцрвениот вулкански камен од кој се изработени капите, е оддалечен над 12 километри.

Истражувањето објавено во списанието "Journal of Archeological Science" се согласува со тезата дека капите се ставени по завршување на статуите, што значи не пред 15-ти или 16-ти век, веројатно дури откако ги дотуркале од каменоломот во груб облик, па на самото место ги обработиле.

Се претпоставува дека тоа е точно бидејќи таков камен (околу 70 парчиња) е најден на патот од каменоломот кон статуите.

За да успеат да го кренат каменот тежок 12 тони и да го постават на статуите, градителите користеле рампи. Современите методи на примена на фотограметрија и 3D технологија укажуваат на вдлабнувања на базите на камењата кои сугерираат дека капите не можеле лесно да се туркаат со помош на рампа.

Наместо тоа, научниците тврдат дека преку големите рампи, на врвот на исправените статуи, капите се тркалале со помош на коноп кој и денес се користи за подигнување на тешки работи. Ротациониот лост им овозможувал да ги креваат тешките предмети до рампата релативно лесно. За извршување на тој процес, според научниците, биле потребни помалку од 15 силни работници.

Зошто го правелe сето ова, останува непознато. Мнозинството научници сметаат дека капите биле користени за разликување на статуите или за означување на одреден статус.

Се верува дека статуите со капи биле од повисок статус и имале поголема важност во обредните церемонии. Се смета и дека капите ја претставуваат косата замотана на темето на главата.

Меѓутоа, едно е сигурно - ставањето на капата на врвот на статуата не било ниту малку лесна задача и сигурно за градителите имало длабоко значење.

 

 

 

19.06.2018 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега