Позитивни сите економски показатели, освен нискоградбата

Првиот квартал од 2018 година во споредба со истиот период лани бележи раст во сите економски сфери, освен во градежништвото-нискоградба.

Како што соопшти денеска на прес-конференција во Владата вицепрмиерот Кочо Анѓушев, презентирајќи ги анализите од информациите на државните институции и стопанските комори, во првиот квартал од годинава во споредба со првиот квартал во 2017 се очекува раст на земјоделството за околу седум отсто, на преработувачката индустрија за шест проценти, на услужните дејности за 10 отсто, како и на градежништвото - високоградба.

Анѓушев посебно изрази задоволство од растот на извозот кој, како што напомена, е 14,3 проценти повисок во евра или дури 31 отсто во долари.

Зголемување, за пет отсто, бележи и додадената вредност, односно паричните средства кои се во оптек. Според вицепремиерот, вкупните приходи во буџетот во првиот квартал од годинава бележат раст од 4,6 отсто, даноците пораснале за 7,2 проценти, а придонесите за шест отсто.

-  Овие бројки јасно говорат за економската активност.  Владата успеа да ја врати економијата во реалните рамки. Посветено работеше минатата година економијата да ја врати во реалноста, од виртуелна  да направи реална економија, подвлече Анѓуишев на прес-конференцијата на која присуствуваа и економските министри, за финансии Драган Тевдовски, за земјоделство Љупчо Николовски и за транспорт и врски Горан Сугарески.

Во врска со  нискоградбата каде Владата очекува единствен пад, се оценува намалувањето да достигне 35 до 40 проценти, а тоа се должи, како што објасни Анѓушев, исклучиво на намалената активност на некои од компаниите како „Синохидро“ и „Трансмет“. 

- Во Министерството за транспорт и врски моментно има над 40 активни  инфраструктурни проекти. Таа бројка сама по себе кажува и дава надеж дека во следните квартали и оваа единствена негативна вредност што ја имаме ќе биде корегирана. Во втората или во последната половина од годината ќе биде апсолутно позитивна, рече Анѓушев.

Владата на почетокот на својот мандат, потсети вицепремиерот, беше исправена пред големо прашање, дали да продолжи со инфраструктурните проекти како патот Кичево - Охрид, проекти кои биле без соодветна техничка документација, со импровизации и плаќање дополнителни цени, како и над 50 отсто разлики во цени меѓу подизведувачите и „Синохидро“ или за момент да застане, да ги доведе во рамки на техничка исправност и  да испреговара под мониторство на меѓународните институции и во рамки на стандардите во кои договорите се потпишани.

- Проектите ќе продолжат во интерес на граѓаните. Но, Владата одлучи  дека е подобро да застане и да ги донесе во реалност, во техничка исправност па да ги продолжи. Гарантираме дека тие проекти ќе бидат завршени на начин кој ќе биде од најголем бенефит за граѓаните, потенцира Анѓушев.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој се согласи дека реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал од годинава е ниска. Тоа, објасни, е резултат на тоа што во реализацијата на инвестиции се влегло со неподготвени проекти.

- На лоши  и неподготвени проекти се радуваат само изведувачите. Тие не се бенефит на инвеститорот, а инвеститорот е Владата во име на сите граѓани. Сега е големо прашање дали сакате да продолжите така и да добиете нов Кичево-Охрид, нови дубиози или сакате да ги решите проектите смирено, како што налагаат техничките прописи и да продолжите со нивна реализација, рече вицепремиерот.

Дали можеби, дополни, треба по секоја цена да се прават проекти кои ќе бидат прескапо платени, да позајмиме пола милијарда евра од некоја финансиска институција, да измислиме ново „Битола-Велес 2020“ и да градиме споменици. 

- Ако земете превид што е влезено во реализација и ги споредите цените на она што ние во моментот го правиме со цените претходно, ќе видите драстичен пад на цените. Тоа е заштеда во Буџетот, во џебовите на граѓаните, подвлече Анѓушев.

Се надоврза министерот Тевдовски, нагласувајќи дека Владата решила да не оди по полесниот пат, на градење нешто непродуктивно, споменици, жални врби, фасади, туку по потешкиот, да направиме нешто што навистина ќе има корист.

- Да, правиме притисок на сите институции да реализираат. Во последниот квартал минатата година успеавме со таков притисок да реализираме највисоко ниво на капитални инвестиции. Ќе продолжиме да го правиме истото и веќе го правиме оваа година, истакна Тевдовски. 

На новинарско прашање за економскиот раст, Анѓушев рече дека се очекува Државниот завод за статистика да излезе со податоци.

Економските анализи за првиот квартал се однесуваат на периодот од 1 јануари до 30 април годинава. На пресот во Владата не присуствуваше министерот за економија Крешник Бектеши поради службен пат во Брисел. 

 

 

 

06.06.2018 - 16:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега