Меѓународна конференција за иновациите во информатичките технологии

Денеска почнува 5-та по ред Меѓународна конференција „ИКТ иновации 2013“ која ќе се одржува до 15-ти септември во Охрид. на конференцијата ќе учествуваат повеќе од 200 експерти, професори, студенти на универзитети за информатика и компјутерски инженеринг.

Главата тема на собирот во Охрид ќе бидат ИКТ иновациите во образовниот процес, а експертите ќе дискутираат на девет предвидени сесии, шест работилници и една панел дускусија, на кои учество ќе земат и четворица еминентни предавачи од Британија, Шведска и Србија.

Конференцијата е во организација на асоцијацијата ИКТ-АКТ во која членуваат поголем дел од универзитетските професори по информатика и компјутерско инженерство од Македонија, а самата манифестација е поддржана од сите поголеми универзитети земјата и спонзорирана од голем број меѓународни ИКТ компании.

Собирот во Охрид е единствена меѓународна конференција од областа на техничките науки што веќе традиционално се одржува во Македонија.

Активностите на конференцијата секоја година се заокружуваат со Зборник на трудови, чиј квалитет е потврден од податокот дека за овогодинешното издание конкурирале 85 трудови на автори од 17 држави. Најдобирите 25 ќе бидат објавени во Зборникот, а заедно со уште 20 научни трудови ќе бидат презентирани на конференцијата во форма на куси трудови и постери.

Свеченото отворање на конференцијата е предвидено за утре од 11 часот, со најавени обраќања на министрите за информатичко општество и јавна администрација и за образование и наука, Иво Ивановски и Спиро Ристевски. Инаку, влезот за сите студенти по информатички науки и компјутерско инженерство од Македонија на конференциските сесии и работилници е слободен.

12.09.2013 - 10:36