Вработените во АНБ ќе одат на полиграф
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ја информира јавноста дека започнува со примена на полиграфско тестирање.
„Полиграфското тестирање ќе се применува како задолжителен чекор во процесот на селектирање лица за вработување, во постапките за проверка на професионалниот интегритет на вработените, при вршење на безбедносни проверки за кои е надлежна Агенцијата, како и во сите други случаи во согласност со Законот за Агенција за национална безбедност.
Законската обврска за примена на полиграфско тестирање е предвидена со основањето на Агенцијата во 2019 година, но поради неспроведување на истата во претходните пет години, негативните реакции и критиките од страна на стручната јавност не изостануваа.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност во јавните излагања даде ветување дека со сигурност настапува период на исполнување на неспроведената законска обврска, со цел постигнување највисоки стандарди на интегритет, доверба и професионалност во работењето.
Со воведување на полиграфско тестирање во Агенцијата истовремено се остварува даденото ветување и целосно се исполнува предвидената законска обврска.
Агенцијата за национална безбедност ракува со информации од највисоко ниво на доверливост. Примената на полиграфот претставува метод за проценка што ќе овозможи селекција на кадар кој ги исполнува највисоките етички и професионални критериуми за работа, проверување на безбедносната подобност на вработените и минимизирање на ризиците од евентуални компромитирачки активности што би ги загрозиле безбедносните интереси.
Со примената на полиграфското тестирање правиме значителен чекор кон градење доверба, унапредување на безбедносните практики и стандарди и создавање средина во која интегритетот и професионалноста ќе бидат основни принципи на работењето на Агенцијата за национална безбедност“, соопштија од АНБ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа