Груевски: Заев и Владата ги прекинаа речиси сите позначајни инфраструктурни проекти претходно започнати

Денoвиве Државниот завод за статистика го објави податокот за индексот на бројот на работници во индустријата за март 2018 година. На прв поглед, добри резултати, позитивни бројки. Па за момент си велам дека нешто веројатно сум пропуштил и дека Владата на Заев конечно и ненадејно почнала да работи нешто сериозно на економски план…, пишува во својот најнов статус поранешниот премиер Никола Груевски.

-Но што покажа анализата? Зголемен е бројот на работници безмалку само во странските фирми кои ги донесовме во Технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) и странските инвеститори кои инвестираа надвор од ТИРЗ, и тоа опфаќа безмалку се од овој раст на бројот на работници. Тоа се фабрики кои кога ги донесовме и склучивме договори со нив, уште тогаш објавија планови за развој за наредните 5 до 7 години, некои дури и за 10 години, кој планиран развој се темели на веќе склучени договори за извоз уште пред да почнат да ги градат фабриките во Македонија. На пример една таква фабрика ќе кажеше дека ќе вработи вкупно 1.200 лица во период од 5 години и тоа првата година ќе достигне 200 вработувања, втората ќе стигне до 400 вработувања, третата до 700, четвртата до 1.000 и петтата до 1.200. И да речеме сега е третата година откако почнале да работат, па според зацртаниот план и според пред 4-5 години склучените договори за продажба и извоз, тие си го исполнуваат планот. И овој дел кој го изработи поранешната влада на ВМРО функционира и како локомотива влече напред, стои во статусот на Груевски.

Груевски нагласува дека проблемот е во тоа што нема нови фабрики и нови инвестиции.

-Исто така проблемот е во тоа што останата економија, не е ни приближно силна и движечка како овие фабрики. Онаа економија на која Заев и Анѓушев им ветуваа пари, евтини кредити, транспарентност, стимуланси, субвенции, нови развојни економски политики итн., а им испорачаа повисоки акцизи и даноци (во најава), повисока минимална плата која ветуваа, а реално не ја субвенционираат освен по нешто малку, им испорачаа и рекетари кои безочно им бараат пари за се и сешто за поединци во врвот на власта…Тоа е онаа домашната и измамена економија. Оние кои им веруваа и се прелажаа, па сега се каат и исплашени тивко негодуваат. Поконкретно: најголем пораст на бројот на работници во првиот квартал од 2018 година во однос на истиот период од 2017 година од 48% забележала Индустријата за електрична опрема, а дополнително висок раст од 32% на бројот на вработени забележала и индустријата за производство на моторни возила, како и индустријата за производство на машини и уреди од 20%. Ова се дејности каде работат неколку фабрики кои македонската јавност добро ги познава: Кемет Електроникс, Кромберт и Шуберт- Битола, Дрекслер Маер – Кавадарци, Ван Хоол – Скопје, Џонсон Мети- Скопје, Џојсон Контролс (сега под ново име) во Штип и во Струмица, Маркарт – Велес, Леар – Тетово, Анфенол – Кочани, Костал – Охрид, Ки сејфти системс – Кичево, Инџекшн модулинг – Прилеп, ОДВ Охрид, Технохозе Скопје, … овие компании и сличните на нив го влечат најголем дел од растот на бројот на работници низ цела Република Македонија, вели тој.

Поранешниот премиер нагласува дека навистина солидни резултати остварува во областа на вработувањето. Но ваквите добри резултати, Владата на Заев не може ни да ги регистрира, а камоли да ги подобри.

-И токму овие компании кои ние со години ги убедувавме и молевме да инвестираат во Македонија, од првиот ден на новата влада на СДСМ, исто како и претходно кога беа во опозиција, се на удар, на критика, ги третираат како натрапници кои дошле и нешто ни земале. Деновиве излезе и податокот за извршени градежни работи. Поразителни податоци во февруари 2018 година, исто како и претходните десет месеци. Така номиналните извршени градежни работи во февруари 2018 година забележаа пад од цели 47%. Притоа, падот е загрижувачки кај нискоградбата односно изградбата и реконструкциите на автопатиштата и регионални и магистрални патишта, како и локални патишта од цели 78%. Ова е резултат исклучиво на работењето на Владата на Заев. Тие по секоја цена сакаат да се различни од нас, дури и нерационално правејќи штета на економијата и граѓаните. Знаев дека ќе биде лошо, но не очекував дека падот ќе биде толку голем и лош. Наместо да се фокусираат на економијата и развојот и да се приклучат на позитивните економски трендови кои во моментов постојат во цела Европа, а и во светот, Заев и неговата Влада, ги прекинаа речиси сите позначајни инфраструктурни проекти претходно започнати, а истовремено не започнуваат нови, дециден е Груевски.

 

 

 

01.05.2018 - 13:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега