Се зголеми стартната цена на такси превозот - не е повеќе 40 денари

Стартната цена на автотакси превозот во Делчево од досегашните 25 денари се зголемува на 30 денари, а цената за изминат километар при возење останува непроменета и ќе изнесува 15 денари, додека за чекање на патниците при вршење на превозот, автотакси превозниците, како и досега, ќе наплаќаат по 3 денари за една минута чекање.

Наместо досегашната заштитна цена од 40 денари до еден поминат километар, според новата тарифа, автотакси превозниците ќе наплаќаат 45 денари.

Сепак, цената на извршениот превоз ќе се наплаќа врз основа на износот утврден по таксиметарот, а според одредената тарифа. Ова е одлуката која ја донесоа делчевските советници по иницијативата поднесена од превозниците од автотакси компаниите во Делчево, кои бараа 60 денари фиксна цена до два километри возење.

Како што истакна претставникот на автотакси превозниците од Делчево, Ангелина Дончевска, барањето за нова цена е поради зголемените трошоци, амортизираноста на возилата, малите плати и цените на гориво.

За Николина Мавродиева од општина Делчево пресметувањето на заштитната цена од 60 денари до два километри не може да се дозволи.

- Ако се земат патници од центарот на Делчево до најдоалечената улица во најодалечената населба Басарица до каде има 1,7 километри, ако се вози по таксиметар треба да им се наплати помала цена од два километри, а жителите тука би платиле 60 денари иако биле превезени помалку километри од два километри. Свесни сме дека има тенденција за намалување на атрактивноста на овој вид презвоз и свесни сме дека имаат проблем кои треба да биде надминати, но не можеме да дозволиме заштитна цена од 60 денари до два километри, рече Мавродиева.

Стартната цена за ноќната и празничната тарифа, според донесената одлука изнесува 30 денари, а цената на изминатиот километар е 18 денари, чекањето до една минута е три денари.

 

 

 

 

31.03.2018 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега