Димовски го отвори пливачкиот маратон „Дојрански спортски ракувања 2013“
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во Дојран го отвори Македонскиот куп во далечинско пливање „Дојрански спортски ракувања 2013“.
Повеќегодишното успешно полнење на Дојранското Езеро, според Димовски, овозможи организирање на спортски манифестации, кои дополнително ќе го популаризираат Дојран и ќе го зголемат интересот за Дојранското Езеро. Тоа, нагласи министерот, ја подигна свеста кај народот и односот кон езерото.
Тој појасни дека со стручна студија за начинот на стопанисување со рибите во риболовната вода, утврдени се риболовните и рекреативните зони, односно местата на кои ќе се врши стопански и рекртеативен риболов, како и дозволената риболовна опрема, алат и прибор за изведување на риболовот, кој се врши со употреба на „мандри“ и корморани, со старите традиционални дојрански чамци-кораби и соодветен риболовен алат и комерцијален риболов на отворена вода.
- Согласно основата, а во функција на зголемување на рибниот фонд, Владата на Република Македонија во предвидените мерки во годишните програми обезбедува и финансиски средства за порибување на Дојранското Езеро. Во Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата во 2013 година се предвидени еден милион денари за обезбедување од 10 до 50 илјади единки подмладок од автохтон крап со различна возрасна структура, со кој треба да се пориби езерото до крајот на октомври, рече Димовски.