СДСМ: Јанкуловска ја користи позицијата министер за политички манипулации

 

Јакнењето на правната држава и промоција на системот на владеење на правото што во фокусот го има почитувањето на човековите слободи и права, останува приоритет на Министерството за внатрешни работи.

 Во новиот мандат ќе останеме доследни на транспарентното работење и неселективната и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата во институциите и во општеството.

 Ќе го стeсниме просторот за злоупотреба на службената положба и овластувања преку јакнење на капацитетот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР и примена на нови алатки за рана детекција и санкционирање на сите злоупотреби.

 Секој вработен во МВР ќе дава отчет за имотната состојба.

 Вака ДПМНЕ пред повеќе од две години го најавија мандатот на Гордана Јанкуловска како министер за внатрешни работи.

 После седум години, Јанкуловска не само што ги заборави најавените приоритети, туку успеа да докажа дека секогаш кога нема одговор на клучните прашања за МВР , позицијата министер ја користи како медиум за политичка манипулација.

 СДСМ и гаѓаните ја разбираат партиската призма низ која  Јанкуловска го чита и применува Уставот и законите. Ние ја разбираме леснотијата со која таа зборува за раководењето со МВР, бидејќи до пред некоја година и самата имаше дилеми околу тоа дали таа раководи со него.

 Се надеваме дека не е од незнаење, но  Јанкуловска треба да ги познава реалните состојби во министерството, дотолку повеќе што како човек што претендира да стане дел од академската заедница, треба да научи да толкува и независни анкети, да одговара и на недоговорени прашања, да чита анализи и извештаи од домашни и меѓународни организации. 

 Бидејќи не успева да се ослободи од партиската реторика полна со напади и манипулации, СДСМ со потполно разбирање за овој  хендикеп на Јанкуловска,  ја потсетува јавноста на фактите:

 Последните мерења на Глобалниот барометар за корупцијата за 2013 година, 53% од граѓаните во Македонија се изјасниле дека полицијата како институција е корумпирана и дека корупцијата генерално е во пораст;

2.   

Релевантните лонгитудинални истражувања за ставовите на граѓаните за работата на полицијата покажуваат континуиран тренд на опаѓање на довербата во полицијата кој треба да биде сервис на граѓаните. Причини за тоа има повеќе, но граѓаните како главни ги наведуваат протекционизмот, селективното и зависно постапување, толеранцијата на пречекорувањата на полициските овластувања и селективната борба против корупцијата и криминалот во редовите на полицијата;

Четири години по ред самопофалбите за несалективноста во борбата против корупцијата и криминалот на Јанкуловска не се спомнати во извештаите на Европската комисија за напредокот на РМ на патот кон ЕУ. ЕУ со години укажува на фактите дека:

а) капацитетите и подготвеноста на правосудните органи да се справат со чувствителните корупциски случаи на високо ниво се многу слаби;

 б) дека, органите за борба против корупцијата немаат капацитети да функционира независно поради политичкото влијание;

 в) дека, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР не ја докажува својата независност во случаи на корупција, полициска тортура и криминал во полициските редови.

 Стејт Департментот на САД во  Извештајот за човекови слободи и права за 2012 година евидентира сериозни случаи на неказнување во редовите на полицијата;  и потенцира  дека, селективната борба против криминалот и употребата на полицијата во борбата против политичките неистомисленици се сериозени проблеми и неуспех на Владата да обезбеди владеење на правото и почитување на законите;

 3.    Полициските службеници кои чесно си ја заработуваат платата и ги ризикуваат своите животи служејќи му на народот, се или маргинализирани или деградирани, или пак се предмет на политички калкулации и пресметки. Наместо да го истакнува како врвен дострел во реформите на полицијата Јанкуловска треба да признае дека постапките за вработување, унапредување и распоредување на полициските службеници се во спротивност со законските и подзаконските акти за полиција. За овој факт сведочат повеќе од 400 поднесени претставки пред Народниот правобранител само во 2012 година од страна на полициски службеници. ЕУ има сериозна забелешка за нетранспарентноста на постапките за вработување и критериумите за унапредување на вработените во МВР.

 4.    Кога сме кај вработувањата, Јанкуловска треба да се срами од фактот што дипломираните криминалисти повеќе од четири години ги чекаат долго најавуваните јавни огласи како можност да ја докажат својата компетентност. За жал јавните огласи за вработување се вистинска реткост, а вработувањата на близу 1000 лица во МВР во последниве четири години се одвива на крајно нетранспатентен начин, исклучиво по патриски клуч;

 5.    Од политичките притисоци и заплашувања молчат и т.н., полициски синдикат кој е платен ги застапува и брани правата на полициските службеници. Синдикатот молчи и продолжува да молчи кога полицајците тужат и бараат поддршка за своите права.

 6.    Вработените во МВР знаат, но и Јанкуловска треба да знае дека опремувањето на полицијата не треба да започне со тендери за набавка на возила, туку приоритетно со потребните средства и опрема за работа на полициските службеници  (чевли, униформи, чизми). А ние не ја виделе повеќе од  4 години.

 7.    По самопофалбите за сериозниот пристап и професионализам во истрагите, СДСМ очекуваше дека после седум години политичка манипулација, Јанкуловска лично ќе го обелодени затварањето на случаите за атентатот на Киро Глогоров, погибијата на Борис Трајковски и Диме Ицковски-Поштарот. Но, не на начин на кој го разреши случајот со политичкиот затвореник Љубе Бошковски и новинарот Кежаровски.

 8.    Јанкуловска и МВР, 12 часа по регистрирањето на убиството на Мартин Нешковски негираше дека случајот воопшто се случил. И покрај обдукцискиот наод со констатирана насилна смрт, МВР под раководство на Јанкуловска не поднесе кривична пријава против непознат сторител, туку самопријавувањето на специјалецот Игор Спасов два дена по убиството го оквалификува како навремено и професионално постапување. Инсистирањето на индивидуализација на вината за убиството на Мартин Нешковски не ја амнестира Јанкуловска од политичка одговорност, ниту пак ја намалува одговорноста на други лица во ланецот на командување. Затоа случајот Нешковски не може да биде показател за полициска професионалност, а најмалку аргумент за успешност на Јанкуловска како министер за внатрешни работи.

 9.    Незавршениот судски процес и нереализираната екстрадиција на осомничените во случајот на грозоморното убиство кај Смиљковоското езеро не и` дава право на Јанкуловска овој случај да го вбројува во завршени случаи на кои ќе собира политички поени. Овој случај отвори повеќе прашања за приоритетите и функционирањето на одредени служби во МВР.

 10.  Јанкуловска има најмалку право да зборува за тестирање на капацитетите на институциите и спроведување на политиките кои добиле поддршка на изборите во контекст на настаните од 24 декември. Јанкуловска како директен учесник на настаните е една од најодговорните за употребата на полицијата за реализирањето на партиски агенди на ДПМНЕ и прекршувањето на Уставот на РМ. Оправдувањата за полициската интервенција во Собранието и спречувањето на пратениците да ги претставуваат граѓаните не може и не смее да се препишува како волја на мнозинството граѓани. Граѓаните на РМ на ниту еден политичар не дале и нема да дадат мандат да го крши Уставот и да ја употребува полицијата за политички цели.

 11.  Јанкуловска зборува за софистицирана опрема кој ја поседува МВР која јавноста можела да ја гледа само на филм. Во контекст на ова, би било добро да одговори на неколку прашања:

-         

Како ќе го објасни противзаконското опремување на МВР преку злоупотреба на буџетските средства издвоени за развој на високото образование и опремување на лабараториите на факултетите?

-         

Како ќе го објасни изигрувањето на тендерските постапки на Министерството за образование и наука за набавка на лабаратории за МВР и институции кои не се високообразовни установи?

 12. Еден месец по ревизорскиот извештај за Скопје 2014 и две недели по извештајот на ад хок комисијата за 24 декември, МВР под раководство на Јанкуловска не се соочува со фактите и доказите за досега невидената злоупотреба на народните пари и грубото кршење на Уставот. Се надеваме дека не е од незнаење, кога Јанкуловска и нејзините сопартијци повикуваат на тужби пред надлежните органи за овие случаи, заборавајќи на политичката одговорност и законската обврска за постапување по службена должност.

 13. СДСМ и граѓаните знаат дека политиките на Гордана Јанкуловска и ДПМНЕ ќе бидат поразени на фер и некриминални избори. Тоа ќе се случи во истиот момент кога Јанкуловска ќе се откаже од употреба на полицијата во партиски цели, секогаш кога нејзиниот лидер ќе изрази желба да организира избори.

 Почитувани,

 Очекуваме  Јанкуловска не на СДСМ, туку на граѓаните да им даде одговор на овие прашања, пред да одлучи со лични дисквалификации и познатата реторика против СДСМ, да ги занемари фактите и да се задскрива зад волјата на граѓаните.

 СДСМ очекува сериозност и промисленост во постапките на Јанкуловска во иднина од позиција на министер за внатрешни работи и потсетува дека, во ниту еден момент не треба да се заборави дека полицијата е од народот за народот.

 Одговорноста за тоа ја имаме сите, но најголема е на министерот за внатрешни работи !

Интегрален текст од изјава на СДСМ.

07.09.2013 - 13:39

најчитано сега