Уапсени седум лица - детали за големата акција на Финансиска полиција
Управата за финансиска полиција, во текот на денешниот ден под раководство на предметниот јавен обвинител, спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општина Липково, Куманово и Желино при што од слобода се лишени седум лица кои се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Акцијата следи по двегодишна опсежна предистражна постапка на Управата за финансиска полиција, што се водеше во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
-Се работи за сложена предистрага која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група која дејстувала подолг временски период и имала за цел вршење на кривичните дела „Злосторничко здружување“ од член 394 од КЗ на РСМ, „Даночно затајување“ од чл.279 од КЗ на РСМ, „Даночна измама“ од чл.279-а од КЗ на РСМ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 од КЗ на РСМ, со намера организаторите и припадниците на групата да се стекнат со противправна имотна корист во висина од над четиристотини триесет милиони денари, со што е предизвикана огромна штета на државниот буџет, соопштија од Управата.
По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се вели во соопштението, во акцијата со асистенција на САЕ „Тигар“ од слобода се лишени седум лица кои се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа