Потпишан договор за соработка во областа труд и вработување помеѓу Македонија и Турција
Денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и турскиот министер за труд и социјална сигурност Фарук Челик во Анкара потпишаа Договор за соработка од областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето со кој се продолжува соработката меѓу Македонија и Турција во областа труд и социјално осигурување.
Министерот Спасов по потпишувањето истакнал дека на овој начин ќе се воспостави соработка во креирањето и имплементирањето на политиките во областа труд, вработување и социјална сигурност со што, како што посочил, ќе се обезбеди создавање подобри услови за живот на граѓаните на двете пријателски земји. - Соработката ќе се одвива преку размена на искуства и знаења за тековните состојби во наведените области, но и за стратешките планови за во иднина, се со цел долгорочно решавање на проблемите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Турција и Македонија, потенцирал Спасов.
Договорот ги опфаќа и темите-права од работен однос, искоренување на детскиот труд, безбедноста и здравјето при работа на работниците, трудовата инспекција, политиките за вработување и следење на развојот на пазарот на трудот, професионалната рехабилитација на лица со попреченост и социјалната сигурност
Македонија и Турција веќе 13 години успешно го спроведуваат Договорот за социјално осигурување.