Турција распоредува дополнителни сили долж границата со Сирија
Турција распореди дополнителни сили за да ја зајакне својата долга граница со Сирија во случај на евентуална интервенција во оваа земја, известуваат денеска турските медиуми.
Конвој од 20 оклопни возила распоредени се синоќа на сиријската граница, во покраината Хатај, на југот на Турција, пренесува Ал Џезира.
Државната агенција Анадолија јави дека се зајакнати трупите кои беа распоредени на почетокот на сирискиот судир во 2011 година, посебно на чувствителните делови од заедничката граница.
Од почетокот на 2012 година, Турција значително го зголеми бројот на своите единици на сириската граница со тенкови и артилериски батерии. Ракетите „Патриот“ од НАТО се распоредени во неколку градови во јужна Турција.
Турција, членка на НАТО, која ги прекина односите со својот поранешен сојузник Сирија, на своја територија згрижи повеќе од 500 илјади сириски бегалци.
Земјата поддржува мултилатерална интервенција против Сирија откако, наводно, војската на 21 август изведе хемиски напад во близина на Дамаск, за кој Турција го обвинува режимот на претседателот Башар Ал Асад.