Заев: Македонија понуди четири опции за промена на името

Македонија понудила четири опции за решавање на спорот за името со Грција, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за агенцијата Ројтерс, пренесе Дојче веле.

„Предлозите се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје)“, изјави Заев за Ројтерс во Лондон, каде присуствуваше на инвестицискиот самит за Западниот Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој.

Македонија се надева дека спорот ќе се реши навреме со цел да се добие препорака за почеток на преговори со ЕУ во јуни и потврда на поканата за прием во НАТО во јули годинава, и предлага географска одредница во своето име, наведува Ројтерс.

На прашањето дали Грција ќе биде задоволна со една од овие опции, Заев вели: „Да...некои опции повеќе ги преферираат, а некои не (во однос на името)“.

Според него останува отворено прашањето дали постои „вистинска потреба“ за промена на Уставот на Република Македонија, нешто што Грција го бара последниве месеци.

Тој е убеден дека доколку со решението во спорот се зачува достоинството на граѓаните, тие ќе го поддржат тоа решение на референдум.

 

 

 

 

27.02.2018 - 16:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега