ФОТО: Близначки родени со 87 дена разлика
Ирските близначки Ејми и Кејти Елиот имаат само неколку месеци, а веќе се на добар пат да станат славни.
Имено, двете сестри се родени со речиси три месеци разлика. Ејми е родена на 1 јуни 2012 година, додека нејзината сестра Кејти е родена 87 дека подоцна, на 27 август 2012 година. За нивниот „подвиг“ се заинтересирала дури и Гинисовата книга на рекорди.
Лекарите велат дека никогаш не виделе нешто слично во својата кариера, а раѓањето на сестрите Елиот е еднакво на „добивка на лотарија“.
Нивната мајка Марија ги почувствувала првите контракции уште во 23 недела од бременоста. Итно е префрлена во болница каде на свет ја донела својата прва ќерка Ејми. Бидејќи било премногу мало, новороденчето веднаш е ставено во инкубатор.
- Бев заморена по породувањето со Ејми, но морав да се концентрирам и потрудам околу второто бебе. Но ,тогаш престанаа контракциите. Како воопшто да не се породив. Почнав да се плашам. Едното дете ми беше на неонатологија, а другото се превртуваше во мојот стомак, раскажува Марија.
Лекарите тогаш ја советувале да почека и да се одмори. Осумдесет и седум дена подоцна, во 36-та недела од бременоста, Марија ја родила и својата втора ќерка Кејти.
- Тоа беа три најтешки месеци во мојот живот, додава младата мајка, која го почекала раѓањето и на второто дете за да ги запише своите близначки во ист ден во книгата на родени, иако станува збор за два различни датума.