Заев: Стратегијата на ЕК добра вест за Македонија

Стратегијата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан е добра вест за нас. Констатира дека Република Македонија направи значителен напредок на европскиот пат, а ЕК изразува подготвеност да даде препорака за почеток на преговорите за членство врз основа на исполнети услови, изјави вечерва премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Владата со евроамбасадороот Самуел Жбогар.

Согласно оваа Стратегија, според Заев, Република Македонија се движи по вистинскиот пат. Уште едно дополнително признание од особено значење за граѓаните на Македонија, според него, е и ставот на ЕУ изразен во Стратегијата дека секоја држава може да напредува и да влезе во групата на предводнички на овој пат согласно нивниот реален напредок.

- Овој дополнителен поттик претставува голема надеж за Република Македонија. Ова е мотив повеќе да работиме и да ја стигнеме групата на држави кои веќе преговараат, тоа се Србија и Црна Гора и за кои постои детален временски план. За нас, за граѓаните на Република Македонија ова претставува потврда за успешноста на досегашните наши напори во сите реформски области кои ги започнавме, рече премиерот Заев.

Тој оцени дека овој успех е заеднички успех – на целава држава, на сите институции, на сите политички партии, на сите заедници и на сите граѓани на Македонија и истовремено е поттик и охрабрување за удвојување на напорите за дополнителни резултати во сите клучни области опфатени со Стратегијата.

- Со поттикот и охрабрувањето што доаѓаат со оваа значајна одлука на ЕК уште еднаш ги повикувам и пратениците во Собранието од сите политички партии, Претседателот на Република Македонија, опозицијата и сите институции на системот максимално да се вложиме и активно да учествуваме во процесот на реформите. Ова е вистинска причина да продолжиме по патот по кој тргнавме како држава со заеднички напори на сите сегменти од единственото и заедничко општество. Придобивките ќе бидат за целата држава, за секој граѓанин, рече Заев.

Тој додаде дека Стратегијата во својот текст утврдува дека дефинитивни и обврзувачки решенија на сите билатерални спорови мора да бидат изнајдени и имплементирани пред државата да пристапи кон ЕУ.

- Владата на Република Македонија и досега, а и понатаму останува длабоко и искрено посветена да го даде својот придонес во мерките на градење доверба и за олеснување на процесот за решавање на проблемот што го има Република Грција со уставното име на нашата држава. Последните месеци се направени сериозни чекори за достоинствено решение на ова прашање, истакна Заев

Стратегијата, рече, е одлична вест и вбризгува оптимизам кај сите држави од Западен Балкан, а за Македонија несомнено го отвора патот за членство во ЕУ.

Тој посочи и на конкретни придобивки за граѓаните и за бизнис заедницата, како фондовите за Еразмус+ за патување, студирање и размена на искуства на младите од Западен Балкан и ЕУ, зголемената културната соработка, отворањето нови фондови за започнување бизниси, отпочнува на процесот на создавање на енергетската унија меѓу ЕУ и Западен Балкан, како и зголемувањето на бројот на проекти на патната и железничката инфраструктура и етапното покачување на претпристапната помош.

Жбогар Стратегијата на ЕК многу јасно зборува за иднината на Западен Балкан во ЕУ за што не постои никаква дилема. Постојат јасни стратегии кои штѕо доаѓаат од оваа Стратегија, едната потекнува од ЕУ, а другата се однесува на земјите од Западен Балкан.

- За ЕУ стратегијата јасно зборува зошто е во интерес на ЕУ да го има ЗБ во свое членство и тоа е една инвестиција, која зборува за иднината на ЕУ , за вмрежувањето во ЗБ и во ЕУ, значајните инвестиции во регионот. ’3 милјарди евра изнесуива трговската размена меѓу ЕУ и земјите од ЗБ. ЕУ е најголем донатор во регионот. Од друга страна зборувајќи за ЗБ таа јасно зборува дека Балканот каков што е денес не е се уште подготгвена за членство во ЕУ. Претстојат уште многу чекори, реформи кои што треба да се спроведат во регионот, но под услов лидерите во регионот да преземат итни дејствија, постои можност во 2025-та некои од нив да станат членки на ЕУ, рече Жбогар. 

 

 

 

06.02.2018 - 18:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега