Македонија ги доби првите лиценцирани конзерватори

Дванаесет стручни лица за конзервација се први што добија лиценци да работат на непосредна заштита на културните добра во Македонија. Лиценците денеска им ги врачи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на археолошкиот локалитет Стоби.

Првите лиценцирани конзерватори (по двајца од Битола, Охрид, Скопје и Кавадарци, и по еден од Штип, Виница, Кочани и Велес) се археолози, архитекти, историчари на уметноста и уметници кои повеќе години практично се ангажирани во конзерваторската област и се занимаваат со заштита на предмети од дрво, керамика, камена пластика, метал, накит, камен и стакло, мозаици, искони и други сликарски дела, како и на архитектонско културно наследство. 

Лиценците ги стекнаа со полагање стручен испит за познавање на прописите за непосредна заштита на културните добра, што е долг, тежок и специфичен процесс.

Министерката Канческа-Милевска рече дека заштитата на културното наследство е во приоритетите на Владата  и затоа се преземени мерки за негова систематска конзервација, идентификација, истажување, документација и промоција.

- Како најважен сегмент во областа на заштитата на културното наследство секако е конзервацијата на движните и недвижните добра од областа на археологијата, архитектурата, етнологијата и книжниот фонд. Сето ова бара специфичен третман, со цел културните добра да бидат непосредно заштитетни, да ги задржат автентичните карактерстики и да бидат адекватно презентирани. Токму од тие причини, институциите кои се занимаваат со заштита и презентација на културното наследство имаат потреба од едуциран стручен кадар кој ќе ги следи и применува современите трендови во заштитата, рече министерката за култура.

Доделувањето конезрваторска лиценца од Министерството за култура е утврдено со  Законот за заштита на културното наследство. Таа им се издава на лица со високо образование од областа на заштитата кое бара поседување лиценца (архитектура, статика, ликовна или применета уметност, технологија, хемија, физика, биохемија или друга соодветна споецијалност).

Министерката информираше и дека до крајот на годнава ќе има вработувања на конзерватори во институциите и ги советуваше да ги следат конкурсите.

Од в.д. директорот на НУ Стоби Јован Радњански и од екипата што интензивно работи на локалитетот, министерката беше информирани за тековните активности. Во ископувањата од оваа година се најдени нови 350 артефакти, кои по конзервацијата заедно со пронајдоците од другите локалитети, ќе бидат презентирани на традиционалната изложба на крајот на годинава.

Комплетно е конзервиран 180 метри квадратни мозаик од Епископската базилика, конзервирана е  статуата на божицата Изида пронајдена во храмот што и е посветен, а на кој, исто така, се работи на конзервација на темелите.

-  Денеска можев да се запознам со неколку проекти кои ги реализираме преку Годишната програма на Министерството за култура и со поддршка на Владата на РМ. Посебно сум среќна што видов голем број проекти,  реализирани според динамиката. На Римскиот театар ќе се открие останатиот лак, ложата е во фаза на реставрација и конзервација. Министерството за него издвои 2 милиона денари за истражување, а за проектот 1,5 милиони денари. Храмот на Изида е веќе конзервиран и следната година ќе биде презентиран заедно со скулптурата на Изида, која е исто така конзервирана, ќе се заврши партерното  уредување за да има влезна партија и следната година да биде презентирано пред јавноста, изјави Канческа-Милевска по посетата на лабораторијата каде што се конзервираат различни предмети.

Првите лиценци за конзервација ги поздрави и Џејмс Вајсман, профeсор од Универзитетот Бостон и долгогодишен истражувач на Стоби. Рече дека  е прекрасно што е повторно во преубавиот и голем археолошки локалитет во Европа во кој дошол пред многу години и кој со придонесот на многу луѓе станал посетувано  место.

02.09.2013 - 13:05
Фото: 
денешен

најчитано сега