Пипан: Немаме страв од ниедна репрезентација - секој секого може да победи

 

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Алеш Пипан, во интервју за „Дневник“ вели дека квалитетот на селекциите во нашата група е израмнет и дека секој секого може да совлада. Според него, тешко е уште сега да се предвиди кои три селекции од нашата група, во конкуренција на Македонија, Црна Гора, Литванија, Србија, Летонија и БиХ, ќе обезбедат пласман во следната фаза.

- Тоа е група во која секој може да победи секого. Нема изразит фаворит, ниту аутсајдер. Мислам дека на едно ЕП треба да се поклопи се` за да забележите успех. Треба да ни е денот, треба да имаме малку среќа и, конечно, треба да се потпреме на себе и на својата игра. Ние можеме да ги победиме сите во таа група, но можеме и од секого да изгубиме, вели Пипан за „Дневник“.

Селекторот вели дека свесен оти Македонија ги испраќа своите кошаркари на ЕП со големи очекувања, но, потенцира дека не треба да се прават големи планови, туку да се оди чекор по чекор. Тој вели дека во овој момент е најважно Македонија да се пласира во втората рунда.

- Ние имаме квалитетен состав, моите играчи одлично го одработија подготвителниот период, посветени се, ангажирани и одговорни. На натпреварите во Словенија треба само да го реализираме она што сме го работеле и за што сме се договориле. Противниците можеме само да ги почитуваме, никако немаме страв од никого, вели Пипан за „Дневник“.

Македонските репрезентативци денеска заминуваат во Словенија, а на 4-ти септември во 17:45 часот ќе го играат првиот натпревар против селекцијата на Црна Гора.

02.09.2013 - 10:54

најчитано сега