Санирани штетите од пожарот во училиштето во делчевско Тработивиште

Наставата во подрачното училиште во делчевското село Тработивиште се одвива без проблеми, а санацијата на штетите од пожарот кој го зафати училиштето е експресно завршена.

Ова го истакна директорот на училиштето „Св.Климент Охридски“ од Делчево, Горан Димитровски, кој рече дека среќа во несреќа е што пожарот, кој избувна пред две недели, бил брзо забележан па и реакцијата била навремена. 

- Веднаш се санираше штетата. Од пожарот беше оштетен дел од плафонот на приземјето. Првичната санација на плафонот од приземјето нè чинеше 30 илјади денари, а наставата не трпеше ниту еден ден и се одвива без проблеми. Услови за работа има, електрична енергија има, компјутерите можат да работат, а средени се и други простории за да може наставата да се одвива без проблеми, рече Димитровски.

Додаде дека доколку дозволат временските услови се планира поголема реконструкција за време на зимскиот распуст.

- За време на полугодишниот распуст планираме да продолжи санацијата, а во текот на летото ќе бараме преку проекти и во соработка со Општината да се реконструира училиштето. Последната реконструкција на училиштето беше пред повеќе од 15 години кога се интервенираше на санација на покривната конструкција, се реконструираше наставничката канцеларија и тоалетите. Сепак, училиштето е многу старо, градено е во доцните 50-ти години од минатиот век, па самото бара соодветна реконструкција, рече Димитровски.

Пожарот во училиштето пред две недели настанал од оџак од каде испаднале тули поради дотраеноста на објектот. Димитровски истакнува дека чистењето на оџаците е редовна обврска во петте подрачни училишта во руралните населби во Делчевско. 

 

 

 

23.12.2017 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега