Пронајдено историско писмо на славниот бигорски игумен Архимандрит Арсениј

 Во Софиската народна библиотека пронајдено е писмо на игуменот Арсениј упатено до проигуменот на Зографската Света Обител на Света Гора, јеромонахот Иларион. Како што кажува сестра Ефимија од манастирот во Рајчица, ова писмо уште посилно го потврдува духовното величие на светиот бигорски игумен, неговата сеопфатна духовничка и отечка грижа, неуморниот порив да се дејствува во полза на спасението на душите на ближните.

- По Божја промисла, деновиве, уште еден сноп светлина заблеска врз благиот и благодатен монашки лик на славниот бигорски игумен – ктитор, архимандрит Арсениј. Имено, големиот пријател и соработник на нашата Свештена Обител, Филип Филипов од Софија, по потекло од подрачјето на Река (Македонија), историчар по професија, во Софиската народна библиотека го најде писмото што за нас е особено драгоцено, нагласува сестра Ефимија.

Писмото е напишано на еден табак хартија, на четири страници. Датирано од 25 март 1834 година, односно пет години пред упокојувањето на архимандрит Арсениј, кога тој веќе бил во доста напредна возраст. Јазикот на кој е составено е црковнословенски, со изразени примеси на месниот народен говор, во кој се среќаваат и говорни турцизми. 

Писмо Бигорски 2

- Од содржината на писмото лесно може да се заклучи дека тогашниот зографски проигумен бил некогашен бигорски собрат („ова ти е отечеството и овде ти е твојата метанија“), духовно чедо на отец Арсениј. Впрочем, тој така и му се обраќа: „Ова молитвено послание да му се предаде на кир кир Иларион… наше во Христа возљубено чедо“; и на друго место: „Чедо мое духовно и брате мој возљубен, како твој отец духовен големо желание имам јас грешниот, да го видам твоето чесно лице…“ Исто така, лесно воочлива е големата поврзаност на Бигорската Обител со Светата Гора Атонска, особено со Манастирот Зограф, посочува сестра Ефимија.

Но она што е особено важно и кое сведочи за силата на големиот дух на игуменот Арсениј е фактот што, и покрај големата потреба и недостиг со кои се соочувал сопствениот Манастир, сепак со сите свои сили учествувал во духовната обнова на Света Гора, особено на манастирот Зограф. Таму тој испраќал многу свои духовни чеда, кои со време станувале видни игумени, духовници, економи, учители, кои многу придонеле за материјалното и духовно издигнување на Света Гора во тој период.

Мошне интересно е и тоа што во дел од содржината на писмото се зборува за направата за производство на халкографии (бакрописи) со ликови на светители. Познато е дека Бигорскиот манастир, во времето на игуменот Арсениј, печател хартиени икони со ликот на својот патрон, свети Јован Претеча.

- Ова скромно писмо говори навистина многу за огромното значење и улога што ја имал Бигорскиот манастир во времето на Преродбата и во издигнувањето на такви дејци што ќе бидат протагонисти во образувањето на народната свест, јазик, култура, државотворност,- оценува сестра Ефимија.

Додава дека од зборовите на отец Арсениј може да се прочита неговата голема скромност и смирение, како и тешката материјална оскудност на Бигорската Обител. 

 

 

 

22.12.2017 - 09:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега