Судот во Солун ќе одлучува за екстрадацијата на Грујевски и Бошковски

Советот на Солунскиот суд денеска ќе одлучува за  барањето на македонските власти за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски во Македонија.

- Чекаме денеска Судот да ја соопшти одлуката. На минатите рочишта како сведоци бевме сослушани само јас и Александар Даштевски, изјави за МИА адвокатот на обвинетите, Петар Василев.

Тој псочи дека доколку Судот одлучи позитивно на барањето за екстрадицијата, како одбрана имаат право на жалба до Врховниот суд во Атина, во рок од 24 часа. 

Предлог за екстрадиција на Грујевски и   Бошковски во Македонија дал обвинителот на Советот на судии, според грчката новинска агенција на минатото рочиште во солунскиот суд.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември.

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун. 

Грујевски и Бошковски, кои се меѓу обвинетите од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, за кој денеска треба да почне судењето во Кривичниот суд во Скопје, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.

 

 

 

22.12.2017 - 08:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега