Чешкиот претседател потпиша предвремени избори

 

Чешкиот претседател Милош Земан денеска потпиша распуштање на Долниот дом на Парламентот и официјално распиша предвремени избори на 25 и 26 октомври, соопшти неговиот советник Вратослав Минар.

Одлуката на претседателот на државата, Чесите да имаат можност да излезат да гласаат последниот викенд од октомври, ја потпишал и премиерот во оставка Јиржи Руснок, јавува МИА.

Сега останува партиите да се подготват за изборите и до 17 септември да ги испратат своите кандидатски листи. 

Според последните изјави на Земан, тој очекува составувањето на владата по  вонредните  парламентарни избори да биде за неколку недели, нагласувајќи дека целосно ќе ги почитува резултатите.

Ова доаѓа по неговите претходно искажани ставови дека за премиер ќе го именува онаа личност која ќе му биде предложена од победничката партија. Истовремено, оцени дека доколку биде направена коалиција меѓу Социјалдемократите, (ЧССД) како левичарска опција со централно ориентираната партија ТОП 09, нема да именува ниеден од лидерите на овие две партии, со образложение дека тоа би ги разочарало гласачите.

Ова предизвика негативни реакции и изјави од Карел Шварценберг, лидер на ТОП 09, кој рече дека Земан не е тој што ќе одобрува партиско коалицирање.

Последните анкети покажуваат дека предност кај гласачите има ЧССД, но останува да се види дали ќе освои парламентарно мнозинство и доколку е потребно со кого ќе коалицира.

Предвремените избори во Чешка треба да бидат решение за излез од политичката криза на земјата по корупцискиот скандал во Владата на премиерот Петр Нечас, чиј десно ориентиран Кабинет поднесе оставка по што беше именувана техничка Влада на Руснок, која исто така е во заминување, поради тоа што не ја доби потребната парламентарна поддршка. 

28.08.2013 - 15:50

најчитано сега