Македонска Каменица доби повеќенаменско игралиште

Во Македонска Каменица на пригодна свеченост беше предадено во употреба повеќенаменското игралиште од проектот на Владата „100 повеќенаменски игралишта“. Го градеше Агенцијата за млади и спорт на површина од 1.100 метри квадратни во вкупна вредност од седум милиони денари. Игралиштето го пушти во употреба вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески предавајќи го во употреба повеќенаменското игралиште во состав на Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица рече:

- Денеска на празникот на Успение на Пресвета Богородица, заштитничка на сите рудари и на сите луѓе и на сите жители на нашата земја, посебно е убаво што на еден ваков настан предаваме во употреба повеќенаменско игралиште во Македонска Каменица кое што претставува уште едно ветување, еден капитален објект со што ќе се подобри животот овој пат на младите жители на овој град. Децата се нашето богатство и за нив ниедна инвестиција и средства што ќе се потрошат не се многу, рече министерот.

Тој додаде дека Владата со поддршка на локалната власт реализира еден крупен проект што ќе овозможи децата од Македонска Каменица да имаат пријатно убаво катче каде што ќе спортуваат и ќе се натпреваруваат.

- Владата на Република Македонија многу инвестира и во физичката активност од причина што сметаме дека го заслужуваат тоа. Во ова динамично време, време во кое многу полесно е децата да потпаднат под некои пороци отколку да излезат на здрав пат и затоа секој родител знае каде треба детето да го поминува слободното време во слободни активности и спортски активности, рече Ставрески и додаде дека оваа сала и ова повеќенаменско игралиште ќе претставуваат објекти кои во иднина ќе бидат користени од илјадници деца на Македонска Каменица.

Посочи дека задоволство е да се доаѓа во Каменица и да се  гледа напредокот на оваа општина на чело со градоначалникот Дарко Митевски. Потсетувајќи дека петходно е отворен нов коп на рудникот „Саса“ рече дека Владата во голем дел ги поддржува проектите што се реализираат во оваа општина и оти така ќе биде и во иднина.

- Ние бевме тука и кога требаше да се обезбедат средства за реконструкција на водоводната мрежа, да се заменат азбестните цевки  со цевки поволни за здравјето на луѓето и кога треба да се инвестира во училиштата, а едно такво модуларно училиште наскоро ќе биде изградено во едно од околните села на општината. Тука сме и за реконструкција на улиците, за реализација на крупни проекти ако се искаже потреба, истакна вицепремиерот додавајќи дека наредната година ќе се реконструира делницата од патниот правец Кочани - Македонска Каменица, акумулацијата „Калиманци“, а ќе има инвестиции и во други области кои ќе го подобруваат животот на граѓаните на Македонска Каменица.

Честитајќи им го Денот на рударите, Ставрески рече дека ќе дојдат и подобри денови за македонските рудници, а со тоа и на рудникот „Саса“ при што апелираше освен инвестиции во производство да има и во општо добро на граѓаните и рударите на Македонска Каменица.

Министерот Ставрески ја посети и изложбата на „Олд тајмери“ (стари возила), а се сретна и со рударите од рудникот „Саса“ од Македонска Каменица. 

28.08.2013 - 15:01
Фото: 
миа

најчитано сега