Зголемен водостојот на Вардар
Водостојот на Вардар на сите мерни места вчера беше повисок од вообичаениот за октомври, а кај останатите реки е понизок од просечниот за месецов, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според податоците на УХМР, водостојот на Вардар кај Јегуновце е 90 сантиметри, а просекот за октомври е 50, кај Скопје вчерашниот водостој на реката е 36, додека вообичаениот е 33 сантиметри. Зголемен водостој од 16 сантиметри Вардар има и на мерното место во Велес, а кај Демир Капија е повисок за шест сантиметри од вообичаениот за октомври.
Нивото, пак, на Охридското Езеро е на 10 сантиметри од дозволеното минимално ниво (693,10 мнм), а денешната кота на езерото изнесува 693,20 мнм и е за осум сантиметри пониска од вообичаентата за октомври. Пониско ниво од вообичаеното има и Преспанското Езеро, додека кај Дојранското е забележано покачување на нивото од речиси два метра во однос на просечното за октомври.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа