Учениците од Кисела Вода ќе влезат во реновирани училишта
Основните училишта во општина Кисела Вода се подготвени за почетокот на новата учебна година. Сите реконструкции, санирања и обновувања на училишните згради и уредувањето на училишните дворови е во завршна фаза.
- Во секое основно училиште се вршат реконструкции кои ќе овозможат поквалитетно изведување на наставниот и воспитно–образовниот процес во новата учебна година, информира општина Кисела Вода.
На територијата на општината Кисела Вода егзистираат осум централни и три подрачни основни училишта. Најстарото училиште, „Св. Климент Охридски“ од село Драчево датира од далечната 1922 година, а најновото „Кузман Јосифовски – Питу“ од 1988 година.
Најголемите реконструктивни зафати во моментов се изведуваат во подрачното училиште „Круме Кепески“ во населбата Припор. При крај е промената на прозорците, варосување на сите училници, замена на подот во една училница и поставување нови училишни клупи и столчиња во две училници. Овие активности се финансирани од општината Кисела Вода и амбасадата на Сојузна Република Германија.
Во централниот објект на ова основно училиште се изврши реновирање и варосување на кујната, а се постави и нова врата со што кујната со посебен влез се одвои од училницата. Во овој објект се изврши и комплетно реновирање на две училници и варосување на 700 метри квадратни.
Во ОУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево се изврши молерисување на училниците во кои ќе бидат првоодделенците, чистење и средување на училишниот двор и тротоарите околу училиштето, купување на училишен мебел, поправка на санитарните јазли, реновирање на игралиштето во училишниот двор, поставување на заштитна висока ограда околу игралиштето, реновирање и проширување на училишната кујна. Се изврши и дезинфекција, дезинсекција и дератизација на целиот објект.
Во ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ се реконструираше трпезаријата, а целосно е адаптирана и реконструирана просторијата за нова библиотека, која е дополнета со најнова популарна литература за деца и младинци. Слични реконструктивни зафати се изведени и во кабинетот за музичко образование и во подрумските простории на училиштето. Во дворот на ова училиште се поставени нови реквизити за изведување на наставата по фискултура и рекреација.
Градежно-занатски и реконструктивни зафати се направени и во подрачното училиште во населбата Црниче, каде целосно се реконструирани тоалетите и се променети вратите, а поставени се и нови рефлектори за осветлување на игралиштата.
Во најстарото основно училиште во Кисела Вода, „Св. Климент Охридски“ изградени се нови тоалети, саниран е носечкиот свод, обновена е наставничката канцеларија со шкафчиња и направена е кујна. Извршено е молерисување во ходниците и дел од училниците, а во завршна фаза е хемиско чистење на радијатори и цевна линија. Во тек се подготовки за изработка на нов училишен парк, со поставување на подземни прскалки и комплетно хортикултурно уредување, а во завршна фаза се и активностите за замена на главната училишна капија и две помали врати, кои ќе бидат изработени од ковано железо, поради дотраеност. Во тек се активности за преадаптацијата на еден надворешен објект, кој ќе биде наменет за училница за првоодделениците.
Реконструктивни и градежно-занатски работи се изведоа и во училиштето „Кирил Пејчиновиќ“, каде е извршена комлетна санација и замена на вентилите и пумпите од потстаницата. Се исчистија радијаторите, се отстрани ламперијата од сите ходници на училиштето, а се изврши и комплетно глетување и молерисување со акрилна боја. Заменети се сите врати од првите два ката, а на третиот кат заменети се врати од две училници. Оформени се и нови кабинети, со кои што ќе се овозможи учениците од првиот класификационен период да посетуваат настава само во една смена.
Реконструктивни и градежно-занатски работи за подобрување на условите за одвивање на воспитно-образовниот процес се изведоа и во училиштето „Невена Георгиева – Дуња“, каде во соработка со компанијата Цементарница Усје – Титан се изградија три училници, а училиштето со сопствени средства изврши бојадисување на оградата и варосување на соблекувалните и ходникот пред фискултурната сала.
Реконструктивни и подготвителни активности се изведоа и во енергетски најефикасното основно училиште во општината, „Партение Зографски“, со што се создадени оптимални услови за успешен старт на новата учебна година.