ВМРО-ДПМНЕ: СДС со катастрофалната и расипничка политика ја турка државата кон економски крах

 

СДС со катастрофалната и  расипничка политика  ја турка државата кон економски крах, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Сите релевантни меѓународни институции како што е Светската Банка и ММФ проектираат црна слика за македонската економија само неколку месеци по доаѓањето на власт на СДС. Граѓаните се на работ на егзистенцијата, трошоците растат а платите се намалуваат. Поради погубната политика која што ја спроведува СДС со која што се стопираа сите капитални инвестиции кои ги започна ВМРО-ДПМНЕ македонската економија оди кон целосен колапс. СДС ја стопираше изградбата на автопатите, изградбата на клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје, како и изградбата на голем број училишта и градинки во сите општини во Македонија, со тоа придонесе за пад на градежната индустрија, а со тоа предизвика и пад на уште 25 индустриски гранки кои се тесно поврзани со неа.  Со самото тоа што индустриското производство е во континуиран пад, се очекуваат и првите отпуштања на работниците, со што ќе се зголеми невработеноста, потенцираат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека лошите економски политики на владата на СДС и Заев придонесе за падот на  просечната плата за 0,7%. Се намалуваат плати, расте сиромаштијата, расте невработеноста, се замрзна покачувањето на пензиите, целата држава започна да тоне за само 5 месеци владеење на оваа влада.

-Додека животниот стандард на граѓаните константно се намалува, раководството во владата на СДС и Заев инкасираат милионски суми на нивните сметки. Ова ли е животот кој што го ветуваше Зоран Заев и СДС? Македонската економија веќе е во рецесија, а сите економски параметри во надолен тренд, без реални излгеди за подобрување на економската слика. Единствени кои имаат профит од лошата економска политика на СДС се фирмите на владиниот врв, кои забрзано се шират под закрилата на власта. Додека животот пристигна за бизнисите на Заев и неговите соработници, за граѓаните пристигна помрачување, велат од партијата.

 

 

 

26.10.2017 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега