Јованоски: Енергетски ефикасни фасади на домовите и училиштата и квалитетнои уличпно осветлување
Кандидатот за градоначалник на Прилеп од СДСМ и коалицијата, Илија Јованоски на денешната прес-конференција во прилепската населба „Точила“ каде е комплексот згради за колективно домување рече дека во својата програма има мерки и планови за урбан град и за урбанизација на населените места. Тој најави дека со средства од европските фондови ќе се инвестира во енергетска ефикасност на фасадите на зградите.
-Во соработка со Европската банка за обнова и развој и со средства од ИПА фондовите на Европската Унија, како и други донатори, ќе ја заокружиме финансиската конструкција и ќе инвестираме во енергетска ефикасност на приватните колективни објекти, на индивидуалните станбени објекти во Прилеп и околните населени места. Индустриските објекти, како и објектите кои се во надлежност на локалната и централната власт, ќе имаат можност да добијат енергетски ефикасни фасади и квалитетно и ефикасно осветлување, рече Јованоски.
Јованоски вети дека и училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади, а прилепчанни квалитетно улично осветлување.
-Сите училишта и градинки во општината ќе добијат енергетско-ефикасни фасади и покривни решенија. Ќе се изврши и замена на осветлувањето со енергетско-ефикасно осветлување со користење на ЛЕД диодни светилки. Јавното осветлување во градот ќе биде изведено со фото-волтаични системи и ЛЕД диоди и со сензори за синхронизација со дневната светлина. Ќе имаме светли улици и осветлен град, рече Јованоски.
Барајќи ја довербата на прилепчани, Јованоски најави намалување на трошоците на граѓаните за електрична енергија и светилки, а во пакет со гасификацијата, ќе воведе и централно греење.
-Оваа мерка значително ќе влијае врз намалување на трошоците за енергија, а ќе спречи и загадувањето на градот. Сите овие проекти, ќе бидат реализирани не со пари на граѓаните или од општинскиот буџет, туку исклучиво со мои заложби и со заложби на новиот состав на Советот, од странските фондови и донатори, рече Јованоски барајќи граѓаните на 15 октомври да го заокружат бројот 13 за, како што рече, да има живот во Прилеп за сите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа