Груевски: Придружете ни се за да ја изградиме Македонија посилна, СДСМ нема да донесе добро за никого
На првиот митинг денеска на ВМРО-ДПМНЕ во Кратово, пред кратовчани се обрати и Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој им се обрати на оние кои на минатите избори гласаа за СДСМ.
-Сакам да им се обратам искрено и да ги поканам да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Придружете ни се за да ја изградиме посилна Македонија, сите ние заеднички сме Македонија. СДСМ нема да донесе добро за никого, тие можат само да затворат работни места, да ги намалат приходите, да им го земат лебот на лугето, да донесат несигурна иднина за нашите деца. Тие се реална пречка, пречка за подобро образование, пречка за подобри услуги во здравството, тие се пречка за повеќе работни места, економски раст и развој. Тие се само пречка, изјави Груевски.
Груевски кажа дека актуелната власт е во паника, затоа што како што кажа Груевски, јасен им е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе победат.
-Паничат бидејќи ВМРО е посилно сега, го гледаат тоа, тие ја гледаат возбудата кај лугето, ентузијазмот, напорната работа, одлучноста кај ВМРО и кај сите луге од нашата коалиција, но и кај сите граѓани пошироко. Тие ја гледаат напорната работа и се она што се создава, како дух, како атмосфера, како одлучност да се создаваат нови дела низ целата држава. Тие не знаат што да направат во врска со тоа, затоа започнаа со неетички и неморални чинови, им се тресат колената. Се обидуваат животот на нашите кандидати да го отежнат колку што можат, им се закануваат, им вршат притисоци, ги саботираат, се расфрлаат со кривични пријави, кои се неиздржани и служат само за политичко оцрнување, изјави Груевски.
Тој има порача дека не се плашат од никого и никаде, дека вакви притисоци нема теорија да ги обесхрабрат.
-Ниту една закана нема да не натера да клекнеме на колена. Што и да правите што и да смислите, Македонија ќе ви одговори, ќе згрми громогласно и ќе си ја потврди својата слобода и независност. Македонија ќе продолжи да ја чува својата слободна волја, нема сила која може да ја запре Македонија, а Македонија е секој ден од вас, изјави Груевски.
Груевски напомена дека во периодот од 2006 до 2016 во Кратово се отворени 10.000 работни места.
-Бројот на невработени во 2006 година бил 2.243, а таа бројка на крајот на 2016 е 1.332 лица, изјави Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа