Трајановски: Докажавме дека ветеното може да се исполни – Скопје ќе продолжи да чекори во уште поголем напредок и развој
Сакам јавно да ви се заблагодарам на вас жителите на Скопје за вашата доверба и соработка како и довербата која ми ја дадовте на локалните избори во 2009 и 2013 година за градоначалник на град Скопје. Со ваша поддршка и со ваша комуникација реализиравме голем дел на проекти во многу сектори во овие два мандата докажавме дека може да се вети и со вас граѓаните на Скопје во најголем дел да го исполниме ветеното, истакна актуелниот и кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски на вечерашното отворање на градскиот изборен штаб кој е лоциран кај Порта Македонија.
-Долги години сум во локалната самоуправа благодарение на довербата на вас граѓаните секогаш со подготвена програма за реализација, но ниту еден од замислените проекти не можев да го исполнам и реализирам без поддршка на советот на градот Скопје и претседателката Ирена Мишева. Се надевам дека одличната соработка ќе продолжи и со идниот совет на градот Скопје за доброто на граѓаните на Скопје. Не можам, а да не потенцирам голема поддршка во реализација на сите проекти од сите десет скопски градоначалници, совети и администрацијата на општините. Моите програми никогаш не биле ветени, а да не се реализираат се надевам дека мојата посветеност и работа на терен веќе ви е позната. Моите стратешки залагања и мојата програма за следните четири години се во насока на подобрување на условите за живот на скопјани, бидејќи Скопје мора да биде зелен град и во следниот мандат ќе се посветиме максимално на намалување на загаденоста на градот и истиот ќе се развива како енергетски ефикасен град со одржлив транспорт и ќе посвети повеќе внимание на користењето на велосипедот како алтернативно превозно средство и јас сум силно убеден дека Скопје ќе продолжи да чекори во уште поголем напредок и развој, вели Трајановски.
Тој додава дека отчетите зборуваат за сето она што го ветиле доследно го исполниле.
-Работата го одликува човекот, затоа нашиот слоган во потполност ги оправдува нашите заложби на кои вие ја дававте досегашната доверба, а тоа е „секогаш работа, секогаш Македонија“. Сите ние идните градоначалници и советници кои што стоиме тука пред вас ја бараме вашата поддршка уште во првиот круг за градоначалници и советници на Скопје и на 15 октомври вечерта да славиме една голема победа за градот и општините во градот Скопје. Заедно со мојот заменик градоначалник од редовите на советничката група Мухамед Амети со кој верувам дека ќе работиме посветено и со останатите 48 советници кои што стојат пред вас ќе се посветиме на сите проекти, рече Трајановски.
Трајановски нагласи дека ќе се посвети на проекти за да направи уште помодерни локални самоуправи и ќе реализира проекти со кои ќе се подобри климата во повеќе области.
-Во изборната програма за градот Скопје за периодот 2017-2021 се поставени над 200 проекти за Градот Скопје, за сите десет општини со прецизни рокови за реализација, опис и вредност, тука не се гледа ни политичка ни етничка припадност на граѓаните. Проекти за подигнување на нови парковски површини за зелено Скопје против загадувањето на воздухот, проширување на проектот ВелоСкопје со изновативни решенија преку изградба на нови велосипедски рути. Со подигнување на свеста на граѓаните за велосипедот како превозно средство, проекти за подобрување на јавниот простор наменет за пешаците. Проекти за модернизација на јавните претпријатија, проекти преки кои Градот Скопје ќе се вброи во технолошко развие градови. Проекти за пренамена на фреквентни сообраќајници во пешачки зони во централното градско подрачје и мотивирање за поголема мобилност на граѓаните преку кампањата за „Денови без автомобили“, истакна кандидатот за градоначалник на Скопје.
Трајановски додаде дека големо внимание ќе посвети и на унапредувањето на јавниот превоз со подобри форми на употреба како електрични автобуси, безбеден за сите корисници и животната средина.
-Бидејќи Скопје е град на младите, студентите, средношколците од цела Македонија, младите кои се наша иднина ќе бидат вклучени во сите текови на овој Град. Изградба на трета фаза од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, изградба на четврта фаза од булеварот „Борис Трајковски“ во општина Кисела Вода од Пинтија до Драчево, изградба на Јужен булевар позади Рамстор, изградба на ново средно училиште во Аеродром, изградба на нов забавен парк, изградба на нова пречистителна станица во Трубарево. Скопје мора да дише воздух и затоа ветувам ќе направиме нови зелени површини и нови паркови од 500.000 метри квадратни. Приватните компании со автобуски превоз ќе бидат субвенционирани од Град Скопје за инсталирање на уреди со кои ќе се намали загадувањето на воздухот и ќе продолжиме со реконструкција на зеленилото покрај Кејот на Вардар, а ќе го реконструираме и комплетно вториот дел од Градскиот парк. Ќе субвенираме набавка на нови 10.000 велосипеди за граѓаните на Скопје бидејќи поздраво и позелено Скопје е нашата определба, потенцираше Трајановски.
Тој посочи дека неговите досега завршени проекти зборуваат за квалитетот на живеење во една европска метропола.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа