Груевски: Доведени се во прашање нашата економија, национален идентитет, култура, јазик и држава

На нашата Татковина како никогаш досега ѝ се потребни докажани луѓе. Исправени сме пред голема историска одлука за иднината на нашата земја. Доведени се во прашање нашата економија, национален идентитет, култура, јазик и држава, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва од митингот во Охрид.

-На 15 октомври, на локалните избори, гласајте за луѓе чии постигнати резултати сите ние ги гледаме. Гласајте за луѓе за кои знаете дека постојано работеле и во иднина ќе продолжат да работат за наше заедничко подобро утре. Луѓе кои ги исполнуваат изборните ветувања, веруваат во правда, не бегаат од одговорност и учат од своите грешки. За луѓе кои веруваат во народот и неговите способности, вели Груевски

Тој истакна да се гласа за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија, за да продолжат заеднички да ја градат нашата иднина.

-Да продолжиме да градиме општество во кое сите ќе живееме во слога и мир, без поделби и омраза, со меѓусебна почит на сите граѓани. Да ги зачуваме нашите заеднички вредности и да ги почитуваме правата и потребите на сите граѓани поединечно. Обединети да ги надминеме предизвиците со кои се соочува нашата држава и да ја зачуваме задничката цел. Цел која отсекогаш е иста – Македонија! Од сите нас зависи во каква Македонија сакаме да живееме. Нашата работа секогаш ќе биде посветена на вас и на Македонија. Секогаш ќе работиме на подобро утре и секогаш ќе се грижиме за нашата заедничка Македонија. Со нас нема празни зборови и општи апстрактни фрази, туку работа и исполнување на ветувањата. Заради сето ова на овие избори велиме гордо и јасно: Секогаш работа, Секогаш Македонија. Шансата за ова е на 15ти октомври, со пенкалото во рака, масовно и со главата горе. Да одбереме работа и посилна економија, и секогаш да сме на страната на Македонија и интересите на народот во неа. Секогаш работа Секогаш Македонија, потенцираше Груевски.

 

 

 

25.09.2017 - 21:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега