Блажевски: Нудиме живот во општина Јегуновце за сите
Кандидатот за градоначалник на општина Јегуновце од редовите на СДСМ Дарко Блажевски на денешната прес-конференција рече дека ќе понудат живот во општината за сите и ќе обезбедат повеќе пари за локалната власт и за граѓаните.
Тој најави дека до денот на изборите заедно со својот тим ќе влезат во домовите на сите жители за, како што додаде, да ја пренесат нивната визија за општина Јегуновце.
- Во моментот нашата општина се соочува со многу наталожени проблеми како голема невработеност, нерешени водоводи и канализации, како и диви депонии на секој чекор. Ние нудиме живот во општина Јегуновце за сите. Вложуваме во младите и отвораме центри за отпочнување и развој на бизнисот. Ги здружуваме бизнисите, општината и граѓаните со единствена цел за нови и подобро платени работни места. Нудиме отворена и услужна општина за сите за да може секој граѓанин да добие навремени, квалитетни и ефтини услуги. Воведуваме електронски систем на услуги и мобилни канцеларии што ќе нудат услуга за секое село, нагласи Блажевски.
Посочи дека ќе ги вклучат граѓаните во креирањето на буџетот, носењето одлуки и контрола на власта.
- Буџетските средства ќе се користат строго транспарентно, наменски, домаќински и одговорно преку редовно известување за сработеното. Во нашата програма изобилува со проекти и решенија за секое населено место што ќе бидат претставени пред сите, рече Блажевски. Тој ги повика жителите на општина Јегуновце да ја поддржат неговата и кандидатурата на советничката листа за оваа општина во тетовско.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа