ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ветува целосна партизација на општеството
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува СДСМ за постапки за целосна партизација на општеството. СДСМ, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ, во текот на изборите ветувале професионални државни институции и департизиран државен апарат, а еден месец откако дошле на власт нивни пратеници ветуваат противправни услуги и привилегии за членовите на оваа партија и институциите ги полнат со партиски и кадри на Сорос.
- Граѓаните видоа како Курто Дудуш од СДС ветува привилегии за граѓаните кои поседуваат членска книшка на СДС, дека таа ќе биде втора лична карта и дека со неа ќе можат да се прават сообраќајни прекршоци без притоа да бидат казнети од полиција, поседувачите на истата ќе имаат привилегии на лекар и во социјално. Ветувањата на Дудуш се срам за целиот демократски свет, ветувањата на Дудуш во темел ја поткупуваат правната држава и принципот на владеење на правото. СДС ветува целосна партизација на општеството до најситните пори на истото, тоа не смее да остане премолчено и заборавено, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
Најголемата опозициска партија ги повикува сите меѓународни претставници во Македонија и меѓународната заедница да реагираат на, истакнуваат, ваквото прекршување на демократските принципи во нашата држава.
Според ВМРО-ДПМНЕ, за еден месец од промената на власта Владата и министерствата се преполниле со некомпетентни партиски кадри и кадри на Сорос. Без почитување на законските процедури, како што тврди, се поставени директори на Службен весник, Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, Државниот архив и Управниот инспекторат, а под државна капа се ставени активисти на т.н шарена револуција.
- Граѓаните од СДС очекуваат професионален државен апарат во служба на граѓаните, а не партиска држава со привилегии за членовите на СДС, каде остатокот од граѓаните ќе бидат граѓани од втор ред, се вели во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа