Британски воен брод вплови во Гибралтар
Британскиот воен брод „Вестминстер“ вплови денеска во пристаништето Гибралтар. Бродот на британската кралска морнарица пристигна во моменти на напнати шпанско-британски односи и расправија меѓу Мадрид и Лондон околу Гибралтар, кој веќе 300 години се наоѓа под контрола на Велика Британија.
Шпанија ги обвини гибралтарските власти и Владата во Лондон за изградбата на вештачки брег во водите на заливот, тврдејќи дека со тоа им се попречува ловот на шпанските рибари од тој дел на Пиринејскиот Полуостров, додека од своја страна Британската Влада го обвини Мадрид дека, практично вовел блокада на границата меѓу Гибралтар и Шпанија.
Голем број Гибралтарци се собраа на пристаништето за да го поздрават бродот, веејќи британски знамиња. Во изјава за Би-Би-Си некои од нив побараа почести посети на британската флота, како и посилна поддршка на Лондон во нивните „проблеми со Шпанија“.