Професорка од Штип го тужeла директорот на училиштето
Основниот суд во Штип решава за случај за дискриминација. Тужба против директорот на училиштето каде што работи поднела професорка по македонски јазик, која била прераспределена да работи како библиотекарка и била дискриминирана по повеќе основи. Ова е прв случај во земјата по кој судот постапува, а се однесува на дискриминација. Лани во дванаесет случаи е постапено по мислења на Комисијата за заштита од дискриминација, од вкупно 75 претставки.
- За 12 претставки е донесено мислење дека има дискриминација, и согласно тоа мислење даваме чекори како да се надмине. Некои од претставките се во фаза на решавање. Очекувавме некои од тие утврдени дискриминатори дека нема да го почитуваат мислењето на Комисијата, но не изненадува позитивно што во 11 случаи сите постапија. Во случајот во Штип, на штетата на еден граѓанин кој трпи дискриминација, но можеби е добро за јавноста, за првпат имаме постапување во судот со помош на Здружението „Млади правници“ се формираше една тужба, изјави претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски. Според него, многу важно е судот да ја повика Комисијата за да образложи врз основа на кои факти го донела своето мислење.
Најави дека Комисијата наскоро ќе излезе со соопштение за работните конкурси, каде што, според Миновски, се повикува на возраст на пол, а некои работодавачи бараат и слика. - Тоа е кардинално прекршување на човековите права. Особено дискриминирачки се тие моменти. При прераспоредување на пример, кога од соодветен град се прераспередели лице на работа на 170 километри. Согласно Законот за работни односи не може повеќе од 50. Напредување во кариера, преместивање на пониско работно место, рече тој. Се уште не е побарана парична казна од некој работодавач, бидејќи тие досега ги спроведувале препораките на Комисијата.
На денешната презентација на наодите од Годишниот извештај на Комисијата за 2012 година беше посочено дека најголем број - 16 од претставките се поднесени по основ на етничка припадност, за здравствена состојба - 12, 11 претставки поднеле припадници на маргинализирани групи, 10 претставки се поднесени за личен статус, девет за ментална и телесна попреченост, по седум за образование и за социјална егзистенција и по три за религија, пол, возраст, семејна и брачна состојба и други. Ленче Коцевска истакна дека по етничка припадност најмногу претставки поднеле припадници на ромската заедница - 10, на албанската четири и на македонската две.
Согласно поднесените претставки може да се заклучи дека етничките заедници најмногу се чуствуваат дискриминирани во областа на работата и работните односи, социјална сигурност, пристапот до добра и услуги, образование, наука и спорт, и јавното информирање и медиуми, како и други области определени со Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Најголем број од претставките се поднесени против правни лица - 70 отсто, а 20 отсто се поднесени против физички лица. Исто така повеќето од претставките се за државниот сектор, а помалку во приватниот сектор, но според Коцевска, тоа не е одраз на реалната состојба во земјата.
Според Коцевска, еден од предизвиците на Комисијата за во иднина е да се зголеми нејзината видливост надвор од главниот град. Од 75 жителите на Скопје поднеле 44 претставки, осум во Битола, седум во Прилеп... Комисијата за заштита од дискриминација, како што беше најавено, ќе оствари средби со новите градоначалници, и ќе обезбеди детални информации за нејзината работа, за начинот на поднесување на претставки, како и за механизмите на правна заштита против дискриминација.
Исто така ќе се работи и на подигање на свеста на припадниците на ромската заедница, кои според Комисијата, се најдискриминирани. За таа цел ќе биде изработена информативна кампања во соработка со ромските организации на локално ниво на Република Македонија.